Жителите на населените места во Пелагонискиот регион погодени од катастрофалните поплави со олеснување го започнаа денешниот ден: утринското сонце и ведрото небо барем за кратко ги ослободија од грижите и стравот од нови врнежи.
Денот ќе го искористат да ја отстранат водата од куќите и дворовите, да спасат ако нешто уште и може да се спаси. И, се разбира, да одделат малку време за загрижените политичари кои ќе дојдат да ги посетат и, патем, да се сликаат со нив. Да го овековечат моментот на искажување душегрижност од највисок степен.
Тешко дека ќе влезат во Новаци оти патот до селото е пресечен. Крајна дестинација ќе им биде импровизираниот пешачки мост поставен над ископаниот пат, од каде нивниот поглед стигнува само до првите поплавени куќи. Ветувањата дека патот во рекордно време ќе го направат поубав отколку што бил, се составен дел од нивниот традиционален политички фолклор.
Којзнае дали некој од нив се запрашал каде оди водата која истекува низ пресечениот пат? Се сомневам дека министерот кој врнежите на дожд ги мери во „литри во секунда“ некогаш чул за селата Оптичари, Егри, Поешево или Логоварди? Борбата со водената стихија сега се води токму на тој терен.
И претседателот Иванов беше еден од тие кои ги посети загрозените региони. Веројатно дека животот изгледа многу порозов кога го набљудувате од хеликоптер, па дури и кога го надлетувате „воскреснатото“ Пелагониско езеро. Доколку во неговата државничка агенда поплавената Пелагонија повторно дојде на ред, ефектот од втората посета на регионот ќе биде многу поголем доколку хеликоптерот го замени со глисер.
Никој со сигурност не може да каже кога жителите на Пелагонија чамците ќе ги заменат со трактори, бидејќи прогнозите дека тоа ќе се случи за скоро не се премногу оптимистички. Иако нивното внимание е фокусирано кон брзото санирање на последиците, прашањето за одговорноста за настаната катастрофа кога тогаш ќе дојде на дневен ред.
Колку пари добивале општините за чистење на каналите? Дали средствата биле навремено исплаќани? Како државата ја вршела распределбата на државната нафта наменета за чистење и одржување на речните корита и одводните канали? Сѐ се тоа прашања на кои одговорите ќе треба да ги дадат Владата, министрите во ресорните министерства, градоначалниците на општините погодени од поплавите, директорите на државните и локалните јавни претпријатија.
Иако вината нема газда, виновниците за поплавите мора да се пронајдат, да се именуваат со вистинското име и соодветно да се казнат.
Како појдовна точка може да послужи документот со наслов „Процена на загрозеноста на подрачјето на Општина Битола од сите ризици и опасности“, изработен од страна на стручно координативно тело а усвоен од битолскиот општински Совет.
Документот ги содржи сите потенцијални ризици со кои може да се соочи Општина Битола и, воедно, препорачува определување конкретни мерки за превентивно делување против опасностите.
Стручните лица кои учествувале во неговата изработка потенцирале дека проширувањето на речното корито на Црна Река било извршено во периодот од 1987 до 1991 година, после што неговото одржување било запоставено. Во документот, меѓу другото, го пишува и следното:
„На дното на Црна Река има наталожен материјал во висина од 80 до 100 сантиметри, има појава на крупна вегетација која ја намалува пропусната моќ на реката за околу 30-40 %“.
Првото прашање кое жителите на Пелагонија ќе треба да им го постават на надлежните е дали ќе дојдеше до катастрофа од вакви размери доколку од 1991 до денес институциите ја работеа работата заради која постојат? Односно, колкави ќе беа штетите доколку општините и јавните претпријатија го исчистеа речното корито и овозможеа услови со кои пропусната моќ на Црна Река ќе изнесуваше 100%?
Од каде ќе почне расчистувањето на маглата и потрагата по вистината, оставаме да кажат најповиканите за тоа. Но дека виновниците сепак имаат име и презиме, зборува 5 години старата информација која се однесува на одлуката на Владата во Битола да го формира ЈП „Битолско поле“, како наследник на некогашното „Водостопанство-Пелагонија“.
Во изјава дадена за државната агенција МИА, тогашниот директор на ЈП „Битолско поле“ Ицко Димовски рекол дека новото претпријатие има задача да се грижи за одводнување на земјоделските површини во битолскиот дел на Пелагонија, односно во Демир Хисар, Могила, Новаци и Битола.
Исто така, ЈП „Битолско поле“ добило надлежност за околу 22.000 хектари плодни земјоделски површини, а според програмата приоритет било чистење на коритото на Црна Река која за време на тогашните поплави била под постојана опасност од излевање.
Секој дополнителен коментар е излишен.




