По изјавата на министерот Тодоров, дека го раскинал договорот со фирмата ВИСАРИС МКД, НОВА побара одговор во Министерството за здравство, кога е прекинат договорот и дали ќе се вратат апаратите доколку се веќе стигнати во некои болници? Колку оштета ќе треба да му се плати на српскиот производител на дигиталната опрема за радиологија ВИСАРИС. Но, не добивме никаков одговор, иако шефот на кабинетот Ангел Митрески побара да му се обратиме по електронски пат.
Одговор побаравме и од директорот на Клиниката за радилогија Гоце Велјановски. И таму ни беше посочено дека повеќе нема да одговараат на прашања преку телефон. И Радиологија не одговори на нашите прашања кои им ги пративме по електронски пат. Еве дел од прашањата што НОВА ги испрати на адреса на Клиниката за радиологија:
„Пред малку министерот Тодоров најави дека го раскинал договорот со фирмата ВИСАРИС МКД, од каде што и вие набавувате опрема во вредност од 350 000 евра. Рековте дека опремата е стигната и ја користите. Како ќе се адаптирате на ново настанатата ситуација? Ќе ја вратите ли опремата назад, бидејќи претходно тврдевте дека апаратите се стигнати и ги користите?
НОВА денеска се обиде да стапи во контакт и со новинарката на Сител, Ивона Талевска, но таа го исклучи телефонот.
Контактиравме и со српскиот производител на медицинска опрема за радиологија, фирмата ВИСАРИС, од каде потврдија дека опремата е нивно производстсво, но за повеќе детали најавија дека ќе не контактираат подоцна во текот на денот, што не се случи.
Останува отворено прашањето, како овој скандал ќе влијае на нивниот углед, како млада компанија која се уште е во развој. Дали во иднина ќе имаат интерес за македонскиот пазар.
Министерот за здравство Тодоров на говорницата се бранеше дека ниту знаел ниту можел да знае за тендерот, дека после шест месеци има направено промена во сопстевничката структура на фирмата Висарис, ниту пак Инспекцискиот надзор не регистрирал правни пречки.
Тодоров рече дека тендерот ќе го поништи од етички принципи и побара и претседателот на СДСМ, Зоран Заев да ги раскине сите договори со фирмите од своите блиски.
Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ кој го праша дали знаел за милионскиот тендер, беше незадоволен од одговорот на Тодоров и му предложи ако немало правни пречки, туку етички тогаш треба да си поднесе оставка од функцијата министер за здравство.
-Вие не можете да ја лажете целата македонска јавност. Тоа што сега го кажавте зборува за вашиот кредибилитет за се друго што зборувавте. Кажавте дека вие не сте исплатиле ниту еден денар, ниту едно евро во однос на овој тендер. Еве ви ја фактурата и каде имате исплатено 40 илјади евра по однос на овој тендер на Висарис. И сега на кој да му се верува, на тој што излегува и плаче на говорница и кажува што е правно и што е етички, или да се верува на документите и на фактурите, изјави Спасовски.
Скандалот со фирмата ВИСАРИС МКД која го доби милионскиот тендер изби, кога СДСМ објави документи од кои се гледа дека оваа фирма е во сопственост на мајката на Ивона Талевска и Србионот Марко Петровиќ. Подоцна се покажа прво се распишал тендерот, а дури отпосле им се наложило на болниците да ја купат опремата од овој тендер.
Дигиталната опрема за радиологија од тендерот на Министерството за здравство со фирмата ВИСАРИС МКД, била распоредена во четири болници во државата.
Документацијата поврзана скандалот кој инволвира новинар на ТВ Сител покажува дека апарати купиле болниците „Св.Еразмо “ од Охрид, „Св. Наум Охридски“ од Скопје, ЈЗУ КБ „Труфун Пановски“ од Битола и Клиниката за радиологија во Скопје. Градската хирушка болница „Св. Наум Охридски“набавила опрема дури за 600 000 евра.
Но, хирурзите се пожалија дека немаат можност да ги читаат снимките додека оперираат бидејќи тие се издаваат на ЦД или ДВД, а операционите сали не се поврзани мрежно со новата дигитална опрема набавена преку фирмата „ВИСАРИС“.
Работата на хирурзите била отежната и при прегледите, кога амбулантски им доаѓаат пациенти со ЦД во рака после снимање на Радиологија, а тие немаат техничка можност да ги отворат ДЦ-та и да ги прочитаат резултатите, со што се отвора можност од лекарски грешки, а се отежнува дијагностицирањето.
Еве, што денеска изјави Тодоров на собраниската говорница:




