Вчера во 20.00 часот Зоран Божиновски, сопственикот на порталот „Буревесник“ бил приведен во Нови Сад по налог и потерница распишана од Интерпол со обвинување за злосторничко здружување и шпионажа, изјави за НОВА, Светлана Томиќ Јокиќ портпарол на Вишиот суд на Нови Сад.
Според неа, истражниот судија на полноќ го сослушал Божиновски и му одредил екстрадиционен притвор во траење од 30 дена.
Сега Вишиот суд во Нови Сад очекува во законски предвидениот рок од 18 дена, македонските власти да му достават барање за екстрадиција.
„Истото барање потоа ќе биде разгледано од Судскиот совет на Вишиот суд во Нови Сад, а одлуката на советот ќе му биде дотавена на министерството за правда на Република Србија по што истото ќе утрви како ќе се постапи понатаму“, објаснува за НОВА, Светлана Томиќ Јокиќ портпарол на Вишиот суд на Нови Сад.
Новинарот Зоран Божиновски во телефонски разговор за НОВА на 16. септември годинава, непосредно по апсењата на осомничените во акцијата Шпион, изјави дека треба да го види обвинителниот акт за да знае за што се товари.
„Негирам дека сум инволвиран во шпионирање за странски служби, бидејќи сите информации што ги имам јавно ги објавувам на мојот портал Буревесник“, рече тогаш Божиновски.
Во акцијата Шпион 2о лица се обвинети и уапсени за злосторничко здружување, измама и изнуда: Марјан Маџовски, шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ од 2005 година, Мичо Насковски, екс-генерален директор на Бетон, Ване Цветанов, екс директор на Агенција против перење пари, генерал Горан Стојков, Аце Диневски поранешен функционер од Агенцијата за разузнавање, беше приведен режисерот Борис Дамовски, авторот на анимираниот сатиричен филм „Еднооки“, кој вечерта беше пуштен.
Истражниот судија во Основниот суд Скопје 1 им одреди мерка притвор од 30 дена на 16 притворени во акцијата “Шпион”, додека, пак, на вработениот во Државниот архив, поради влошената здравствена состојба, му бил одреден домашен притвор.




