Владата на Република Северна Македонија смета дека поведената постапка на Уставниот суд за поништување на Уредбата за намалување на платите на 2.060 функционери, пратеници, судии, обвинители и директори на минимална плата од 14.500 денари за април и мај, директно штети на солидарноста во нашата земја.
Со оваа одлука, Уставниот суд директно спречува обезбедување околу 240 милиони денари во Буџетот на РСМ за мерки за справување со КОВИД-19, соопшти прес службата на Владата.
Владата изразува разочарување од, како што е наведено, ваквата скандалозна одлука која ја загрозува борбата со коронавирусот.
Уставниот суд на денешната седница одлучи привремено да го запре извршувањето на три уредби кои ги донесе Владата во вонредната состојбата.
Станува збор за уредбата со која сите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор – пратеници, шефот на државата, министри, градоначалници, но и судии и обвинители, се ставаат на минимална плата од 14 5000 денари за месеците април и мај, понатаму уредбата со која се забранува исплата на додатоци и надоместоци на плата во јавниот сектор во време на вонредна состојба, како и уредбата со која се предвидува исплата на заостанатите плати на службениците во СЈО.




