Врховниот суд на Индија, вчера донесе одлука со која се продолжува забраната за патување во странство на бизнисменот Субрата Рој се додека неговата „Сахара“ не ги достави потребните информации што ги бара пазарниот регулатор – СЕБИ.
Портпаролот на Владата на РМ, Александар Ѓорѓиев и покрај сите обиди на екипата на НОВА да воспостави контакт со него, не ни даде одговор на прашањето како оваа одлука на Врховниот суд во Индија, ќе влијае на големите инвестиции кои Субрата Рој ги најави во земјата.
„Ние ќе дозволиме Субрата Рој да патува во странство дури откако „Сахара групацијата“ ќе ги достави сите информации што ги бара СЕБИ“, се вели во соопштението на индискиот Врховниот суд, кое го пренесоа индиските медиуми.
„Сахара груп“ треба да им врати околу 4 милијарди долари на малите инвеститори, но компанијата на Субрата Рој се обиде со судски тужби и жалби да го одложи извршувањето на одлуката на регулаторот СЕБИ.
Последната официјална изјава од македонската Влада која се однесуваше на забраната на Рој да излезе од Македонија, беше на вице-премиерот Ставрески, на 29 октомври минатата година:
– За нас е најважно што се оди според планираното во делот на реализација на пороектите што Сахара груп ги има во Република Македонија во делот на Џумајлија каде што имаат купено земјиште и се одвиваат инвестициски и други активности, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во врска со последната одлука на индискиот суд да му забрани да ја напушти Индија.




