Владата не се откажала од поставување на крстот во општина Бутел, соопштиле од Владата а изјавата на Александар Ѓоргиев, портпарол на Владата, утринава ја пренесува Плус Инфо.
-Не е донесена таква одлука а вчера воопшто и немаше седница. Во целост ја демантирам таквата шпекулација – вели Александар Ѓоргиев портпарол на Владата.
Со ова Владата го демантира порталот МКД.мк кој, повикувајќи се порталот на албански јазик Албеу, објави дека Владата ноќеска на седница донела одлука со која се анулира одлуката на Советот на општина Бутел за изградба на крст на кружниот тек на влезот во општината Бутел.
Како што синоќа извести НОВА, група граѓани од населбата Бутел 1 синоќа дојдоа на околу половина километар од местото каде што поддржувачите на ДУИ кампираат на камен темелникот за крстот која општината намерува да го гради во населбата. Граѓаните од македонска етничка припадност околу 7 часот навечер во група од околу 100 луѓе тргнаа кон местото на протестот на ДУИ за да го изрразат, како што велат, револтот поради опструкциите кои ги прават граѓани – Албанци против симболот на христијанството.
Активистите на ДУИ синоќа околу полноќ почнаа да го растураат кампот поставен на местото каде што општина Бутел планира да изгради крст. Од Партијата велат дека се повлекуваат за да им овозможат на православните христијани утре слободно да ги посетат гробиштата на Задушница, но ќе продолжат институционално да го решаваат проблемот и со помош на меѓународната заедница.




