Државата не смее преку регулација да навлезе во содржината на вестите што ги пласираат медиумите а решението треба да се бара во нивната саморегулација, е генералниот заклучок од Форумот за јавни политики на тема „Справување со дезинформациите – комбиниран пристап на властите, граѓанското општество и медиумите за долгорочни решенија“, што се одржа вчера во Велес а во организација на УСАИД, Владата на Република Македонија, Општина Велес и граѓански организации.
Македонија е плодна почва за ширење на лажни вести
Добро е што ширењето на лажните вести полека почнува да опаѓа, оцени Владимир Петрески, уредник во македонскиот Сервис за проверка на факти од медиумите. Напливот на лажни вести беше резултат, на како што рече тој, организиран систем воден од еден центар.
„Почнуваа преку ден преку веб порталите, навечер лажните вести беа пласирани преку телевизиите а тензијата се одржуваше со објавување на тие вести другиот ден во весниците, надополнети, надградени и коментирани. Сега нема центар кој раководи со тоа па затоа лажните вести не се доминантни и можат побрзо да бидат побиени“, смета Петрески.
Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања лажните вести успеваат затоа што околината тоа го дозволува како плодна почва за нивното ширење.
„Има многу медиуми кои работат на непазарен принцип и кој лесно може да бидат маниплулирани од политиката. Постоењето на копи-пасте новинарството е исто така голем проблем. Проблем се и социјалните мрежи каде постои не една туку повеќе јавности кои се групираат по различни специфики. Штетно е тоа што тие јавности ниту сакаат да одат во потрага по вистината туку само бараат информации кои сакаат да ги слушнат и да ги пласираат како такви. Информацијата сама по себе не е штетна туку таа зависи од тоа како е примена од јавноста и колку време егзистира во неа. Само со медиумска писменост можеме да се бориме против лажните вести“, рече Божиновски.
За Мери Јордановска член на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, фрапантнио е што 80 отсто од претставките што ги добиваат се однесуваат на онлајн медиумите и во повеќе од половина од нив е прекршено правилото на „втората страна“.

„Често пати новинарите не се јавиле да побараат одговор од втората страна во текстот што го пишуваат. Над 60 отсто во текстовите што ги разгледуваме нема разлика од веста што се пласира и коментарот како новинарски жанр на изразување. Во дури 30 отсто од текстовите има говор на омраза. И ние може да констатираме прекршување на Кодексот на новинари но не можеме да се ставиме над законот. Затоа бараме поддршка од државата“, рече Јордановска.
Билјана Петковска директорка на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) посочи дека резултатите од соработката со институциите на подобрување на медиумската писменост на граѓаните до сега не дала никакви резултати.
„Препознавајќи ја потребата од медиумска писменост, МИМ пред 10 години обучи 1100 наставници а изготви и наставен план за пет часови годишно на тема медиумска писменост . Но кога требаше да се формализира програмата, сето тоа пропадна. Ниту денес не знаеме од кои причини“, потенцираше Петковска.
Партиите не кријат дека пикаат прсти во медиумите
Мора да се согласиме дека имало случаи кога партиите отвораат портали и шират лажни вести но тоа го прави и Владата, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски прашан како партиите ќе го спречат ширењето на лажни вести кога и самите формираат портали за ширење на таквите вести.
„Ова особено ако Владата легитимира портали кои секој ден известуваат дека сме пред портите на рајот а истите тие портали се најголеми ширачи на дезинформации кои ги водат битките помеѓу министрите кои што имаат амбиции да се кандидираат за претседател на изборите следната година. Не отстапувам од ставот дека не треба да гледаме кој лаже туку кој ја кажува вистината и него да го поддржиме“, рече Димовски.
И портпаролот на Алијансата на Албанците, Флакрон Беџети не крие дека, како што рече тој, сите партии имаат влијание во медиумите. Тој призна дека вечерта на 27 април 2017 година, партијата ја скрила информацијата дека нивниот лидер Зијадин Села беше претепан речи си до смрт.
„За да почне да се решава проблемот со лажните вести можеби е доволно партиите да не ги иницираат дезинформациите во медиумите. Потребно е донесување на Закон против дезинформирање сличен на оној во САД како и формирање на независна институција која ќе работи на регулација на ширње и борба со дезинформациите. Треба повеќе да се работи и на едукација со членството на партиите“, смета Беџети.
Владата никогаш нема да оценува што е лага а што вистина
Силната регулација на медиумите во основа не може да донесе голем бенефит, бидејќи многу лесно може да прерасне во цензура, истакна министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски во своето излагање на панел дискусија на Форумот.
„Во овој правец се и предлог измените во Законот за АВМУ кои гарантираат услови за професионализација на медиумските тела. Овозможуваат слободно и независно работење на медиумите. Најважно од се’, даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите. Силната регулација на медиумите во основа не може да донесе голем бенефит, бидејќи многу лесно може да прерасне во цензура. Клучот е во новинарска фела, да се саморегулира и се држи до етичките и морални стандарди. Владите и сите политички субјекти мораат да се држат до овие стандарди“, рече Манчевски.
Министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски е дециден дека Владата никогаш нема да се впушти во регулација на што е тоа вистина а што е тоа лага.
„Владата не е таа што треба да дефинира што е точна а што лажна информација во јавноста и како медиумите ја пренесуваат. Немојте да го барате тоа затоа што е многу ризично. Оваа Влада може да даде поддршка на саморегулацијата, на сервисите за проверка на факти, на Советот за етика на медиумите како и поддршка за засилување на етичките стандарди“, рече Поповски.
Дека саморегулацијата на медиумите и зајакнување на медиумската писменост на граѓаните се најдоброто и најефикасно решение во борбата против лажните вести се согласија сите учесници на Форумот.
На Форумот учeствуваа министри, пратеници, претставници на политички партии, членови на невладиниот сектор како и медиуми во обид да најдат долгорочно решение за проблемот со ширењето на лажни вести, дезинформации и спинови.




