Владата на итна седница попладнето донела заклучок на УЈП и на МРТВ да им се укаже да спроведат законска постапка за одлагање на даночниот долг, изјавил за Телма, владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Ова беше единствена точка на владината седница за да се реши состојбата откако даночниците денеска ја блокираа сметката на јавниот сервис.
Тоа значи да се репрограмира долгот, односно можност тој да се плати на повеќе рати, а сметката на јавниот сервис да биде одблокирана.
Телма дознава дека јавниот сервис пред околу три месеци земал кредит од два милиони евра за расчистување на старите долгови. Според последата листа на должници, што УЈП ја објави на 10-ти февруари, МРТВ и должи на државата над два милиони евра.
Управата за јавни приходи ја блокираше сметката на МРТВ за неплатени долгови кон државата. Проблемот настанал затоа што УЈП доцнела со доставувањето на сметките за радиодифузна такса на граѓаните, кои дури деновиве ги добиваат фактурите за месец декември. Поради тоа,МРТВ немала доволна наплата и не можела да собере пари за навреме да ги расчисти долговите кон државата.
Од УЈП денеска не сакаа да коментираат ништо, велејќи дека утре ќе излезат официјално во јавноста за да се изјаснат за случајот.




