Во тој контекст, Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст) и истите да ги достави до Владата, за седницата што ќе се одржи на 21 март 2020 година (сабота).
Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација ќе бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на нивни товар; На патните исправи и на личните карти им се продолжува важењето за време на вонредната состојба.
Владата го задолжи д-р Венко Филипче, министер за здравство, да определи двајца епидемиолози што ќе присуствуваат на седницата на Влада, со цел да ги образложат предложените мерки и препораки на членовите на Владата.
Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот COVID – 19.
Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, во рамките на нивните надлежности, веднаш да пристапат кон спроведувањето на досегашните донесени мерки и препораки од страна на Владата.
Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка.
Професионалните возачи на товарните возила кои влегуваат и излегуваат од Република Северна Македонија, а кои не поседуваат дозволи издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, да бидат пропуштени на граничните премини при влез и излез, но истите се должни да ја обезбедат и приложат дозволата не подоцна од 24 март 2020 година.
Министерството за транспорт и врски да достави документ за вкупно издадените сертификати на професионалните возачи за учество во меѓународен патен сообраќај до Министерството за внатрешни работи. Лицата наведени во овој документ задолжително поседуваат важечки сертификат за учество во меѓународен патен сообраќај издаден од Министерството за транспорт и врски, со цел истите да не подлежат на полициски проверки за постапување по изјавата за самоизолација.
За да им се обезбеди можност да се вратат во земјата на македонските граѓани во странство, Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски треба да подготват посебен план за хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.
Што е однесува до активностите за справување со затекнатите државјани на Република Северна Македонија во странство, со Предлог – одлука, е усвоена информацијата и е донесен новиот текст на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови.
Владата формира работна координативна група, со која да раководи д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија и во состав: Пеце Мирчески, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија и претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски и Министерството за надворешни работи, со цел обезбедување на логистичка поддршка и операционализирање на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови и условите на преземање и транспорт на лицата до објектите во кои ќе бидат сместени овие лица во државен карантин.
Плаќањето на авионската карта за организираниот лет ќе биде на товар на патникот, додека трошоците за сместување, транспорт од аеродром и храна ќе бидат на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.
Објектите кои ќе бидат определени за државен карантин да бидат обезбедувани од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (секој кат од објектот, секој влез и излез на објектот и просторот околу објектот).
Периодот во кој овие лица ќе бидат сместени во државен карантин да биде најмалку 15 дена, веднаш по нивното слетување.
Лицата кои ќе бидат сместени во државен карантин да бидат по едно до две лица во просторија. Храната за овие лица да се дистрибуира директно до просториите, а хигиената во истите да ја одржуваат сами.
За ова, доколку е потребно, се задолжуваат Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда да подготват предлог – уредба со законска сила во која правно ќе се нормираат овие заклучоци.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ќе ги напушти границите на Република Северна Македонија да му даде да потпише лична изјава дека излегува од државата на своја одговорност и дека е запознаен дека поради пандемијата со коронавирусот голем број земји ги затворија границите и дека е отежнато движењето во странство, заради што државните органи на Република Северна Македонија не можат да гарантираат навремена помош за враќање во земјата.”




