На денешното задолжување на домашниот пазар на капитал Владата се задолжи со 18 милиони евра, иако Министерството за финансии бараше 12,1 милион евра, соопшти дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов.
– Јавниот долг заради ова темпо на задолжување ги надмина критичните 50% од БДП, граница која Меѓународниот монетарен фонд препорача да не се надминува.
Министерот за финансии јавно се обврза дека после секое ново задолжување ќе ја објавува состојбата на државните депозити. До сега ниту еднаш го нема сторено тоа.
Предупредуваме дека за сите злоупотреби направени со пари на граѓаните ќе има одговорност, се вели во соопштението од Наумов.
Владата за денешното задолжување објави дека ќе биде преку две аукции на кои на домашните кредитори ќе им се понудат државни записи и државни обврзници.
Позајмените пари обезбедени преку државни записи ќе се враќаат за шест месеци односно една година, додека парите обезбедени преку обврзница ќе се враќаат за две години.

