Владината седница за новонастанатата ситуација на македонско-косовската граница траела до четири часот утринава, брифираат за НОВА владини извори.
Но, се уште нема конкретна одлука за тоа што ќе се преземе за да се надмине блокадата на Блаце каде веќе втор ден може само пешаци да поминуваат преку граница.
Владиниот партнер ДУИ, како што дознаваме е изложен на притисоци од нивното гласачко тело кое се погласно го изразува незадоволството од блокирањето на границата за движење на камиони, автомобили и автобуси.
Веќе два дена Косово забрани увоз на производи од Македонија, а како одговор на тоа македонската влада донесе одлука да се наплаќа влез во Македонија од Косово.
Превозниците во знак на револт целосно го блокираат преминот Блаце, каде може да преминуваат само пешаци.
Косовската влада вчера ги повика своите граѓани да избегнуваат да патуваат во Македонија сем во итни случаи.




