Сите извлековме поуки од минатите години, од самостојноста на државата и редно е да се унапредува ова наше заедничко општество како одговорност на власта, на опозицијата и на сите етникуми во државата. По случајот Нешковски зарем некој би си дозволил да прикрие убиство, рече денеска премиерот Зоран Заев на собраниската седница посветена на пратенички прашања одговорајќи на прашањето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев дали Владата има намера да ја подобри јавната безбедност?
„Погледенте што му се случи на стилистот Арменд Рамадани. Уапсен ли е некој, фатен ли е некој? Дали е заштитен човекот? Имаме убиства на сред улица. Мартин Јанушев, Никола Саздовски, Дилавер Бојку-Леку е убиен во Струга. Никој не одговара, никој не е обвинет, никој не е уапсен. Никогаш не било полошо од сега“, рече Ѓорчев.
Премиерот Заев рече дека Министерството за внатрешни работи (МВР) е често присутно во јавноста соопштувајќи ги сите детали за се’ што се случува меѓу кои се и случаите кои ги спомена Ѓорчев. Што се однесува до евентуални апсења и санкционирање на сторителите, Заев рече дека никој од извршната власт не може да каже како да се срочи истрага или обвинение за некој случај.
„Никој од извршната власт не може да каже како да се срочи истрага или обвинение за случајот со Никола Саздовски затоа што наредба за такви дејствија не дава извршната власт. Тоа се случува во момент и дури ни истражителите или обвинителот ги немаат деталите. Зарем некој сака по поуките со Мартин Нешковски да прикрива убиство во државата. Зарем некој би си дозволил ваква работа. Денеска има обвинение за убиство со умисла и апсолутно се носат одлуки за пример и по ваквите случаи. Влијае и нашата дебата, како и ние се однесуваме и дали се трудиме од вакви чувствителни случаи да добиеме политички поени или не и какви пораки испраќаме. Влијае и запалување свеќа од политичар при вакви случаи“, рече Заев.
На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, пратеникот на Алијансата на Албанците, Сурија Рашиди праша зошто се толерира универзитет во Струга, кој го нарече „јавно претпријатие каде само се доделуваат дипломи“ и каде се бркаат просветните инспектори. Рашиди уште праша што се случува со кривичните пријави што СДСМ ги поднесе во 2015 година против функционери на тогаш владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
За Државниот просветен инспекторат (ДПИ) Заев рече дека тој мора да постапува по закон и него не го интересира, како што рече, каде припаѓа универзитетот – и територијално и сопственички.
„Ќе му дадам налог на ДПИ да постапи согласно закон за универзитетот кој го спомнувате. Веројатно мислите на универзитетот на градоначалникот Мерко, за кој се зборува, или на кој и да мислите меѓу универзитетите во Струга. Ако мислите дека се работи за сите универзитети во Струга, тогаш дефинитивно ќе дадам налог да се направи контрола на работењето на сите универзитети во Струга. Сега е време на распуст за да се направат контроли за акредитациите, професионалноста во вршењето на наставните програми и во издавањето дипломи, но ве уверувам нема цена која ќе го спречи владеењето на законот. Ќе дадам налог да се постапи исклучиво по закон и да се издаде решение – ако е се во ред – потврдно, ако не е да се отстранат слабостите“, рече Заев.
Одговорајќи на другото прашање на Рашиди, премиерот Зоран Заев рече дека не повлекол ниту една кривична пријава а надлежните институции ги повлекле само оние пријави за кои во предистражната постапка не биле обезбедени материјални докази.
„Тогаш јавно објавив за поднесување кривични пријави против функционери на поранешната власт, вклучително и на функционери од ДУИ. Ние немаме повлечено кривична пријава која е поднесена од нас за нив. Една од пријавите беше против поранешниот министер Миле Јанакиески и некој функционер од ВМРО-ДПМНЕ вработен во Телеком да се исклучи телефонот во СДСМ за време на избори. Предистражната постапка покажа дека не се исклучил телефонот, и точно е, не се исклучил, тоа останало на муабет. Знам дека таа постапка е повлечена, како што се повлечени и неколку други каде не се обезбедени материјални докази. Но поголем дел од пријавите поднесени од нас се процесуирани во натамошни постапки, некои се во судски постапки, дел се со поднесени обвиненија, а дел се во истражни постапки“, рече Заев одговарајќи му на пратеникот Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.
Кривичните пријави од страна на СДСМ се поднесени по објавените прислушкувани разговори. Во 2015 година во телевизиско интервју Заев рече дека меѓу другите, пријавите се за актуелниот вицепремиер за евроинтеграции и главен преговарач на Македонија со ЕУ, Бујар Османи и поранешниот вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор во претходната Влада, Муса Џафери. Тогаш, Заев тврдеше дека има сомненија за направен криминал од тогашната коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ.




