Внедела на 15 мај, Синодот на Српската Православна Црква  ќе одржи седница на чиј дневен ред е темата за признавањето на Македонската православна црква Охридска архиепископија од страна на Вселенската патријаршија и посебно околу она што во јавноста го изјави Зворничко-тузланскиот епископ Фотиј дека начелно веќе било договорено канонско единство меѓу двете цркви кое требало да се аминува веќе на мајскиот Собор на СПЦ.

Во поглед на неодамнешната средба меѓу претставници на двете цркви во Ниш и околу средбите и дијалогот што ќе следат во иднина, нашите владици се прилично затворени.

Владиката Петар, Митрополитот на Преспанско – Пелагониската епархија во разговор за НОВА, потврди дека и тој е дел од преговарачкиот тим на МПЦ ОА, но дека нема ништо јавно да се кажува за текот на процесот се додека трае.

„ Да, и јас сум дел од тимот на МПЦ ОА, кој ќе ги води преговорите со владиците од СПЦ. Договорено е од процесот детали да не се изнесуваат во јавноста се додека трае, а потоа заеднички ќе излеземе со информација за македонската односно српската јавност, изјави за НОВА, Митрополитот Петар.

Во контекст на најновите случувања во и околу процесот на утврдување на статусот и на името на МПЦ ОА, денеска претседателот Стево Пендаровски го посети поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан.

Како што соопшти, кабинетот на претседателот на средбата се разговарало за актуелностите поврзани со решавањето на статусот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и надминувањето на црковниот спор. Претседателот Пендаровски уште еднаш изразил честитки за признавањето на каноничноста на нашата црква од страна на Вселенската Патријаршија, со што се отвора простор за градење на духовно единство со православниот свет и го оцени чинот како признание за нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија.

Во соопштението се наведува дека Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан го информирал претседателот Пендаровски за наредните чекори во процесот на целосното заокружување на автокефалноста на Македонската  Православна Црква – Охридска Архиепископија, за што и двајцата соговорници се согласиле дека е од врвен национален интерес, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Во вторникот седница одржа Синодот на МПЦ ОА кој ја поздрави одлуката на Вселенската Патријаршија а за тоа што признанието во соопштението беше со името, Охридска архиепископија, беше кажано дека верниците и јавноста не треба да го доживуваат како хендикеп , туку да се гордеат со тоа што сме нотирани како наследнички а со тоа нашата црква како континуитет на повеќевековната Охридска архиепископија.

 М. Трпческа