Владиката Петар препишал на свое име пет православни храмови на македонската заедница, обвинуваат претставници на македонските иселеници на петтиот континент.
Делегација на дел од иселениците се во посета во Скопје за разговот за спорните прашања.
Едно од нив е и статусот на свештениците кои ги расчинил Петар, а кои, според новиот администратор на Австралиско-новозеландската епархија, владиката Тимотеј, треба да си заминат, пред тој да ја посети Австралија.
– Ние не инсистираме г. Тимотеј да сослужува со таканаречените спорни свештеници, туку го каниме да дојде да се запознае со сите релевантни проблеми на терен, да разговара директно со сите управни одбори на црковните општини кои законски ги вработуваат свештениците, а по можност и со независни австралиски правници, за да се изнајде трајно решение на крупните правни и организациски спорови кои доведоа до оспорување на некои од нашите свештеници, вели претседателот на македонската црковна заедница во Австралија, Игор Аврамовски Александров во интервју за Прес24.
Според него, во тие разговори може со меѓусебна согласност да се разреши прашањето околу оспоруваните свештеници, кое е деликатна, но сепак споредна точка во поголемата слика на расколот наметнат од владиката Петар.
„Бидејќи изгледа дека оспорувањето на свештениците се заснова на Синодски одлуки, донесени под притисок на Петар, најдобро е со г. Тимотеј да дојдат и Архиепископот и останатите членови на Синодската комисија која беше назначена да преговара со нас за надминување на состојбите во Австралија“ оценува Аврамовски Александров.
Тој напоменува дека пет од црковните општини, односно црквите, владиката Петар ги препишал на свое име.
– Синодот сè уште не преземал ништо за враќање на оние четири храмови кои Петар успеал да ги препише на свое лично име, со двајца негови попови како косопственици, спротивно на Член 172 од Уставот на МПЦ. Напротив, дознаваме дека после ланските наши преговори со Синодската комисија, Петар ставил уште еден црковен имот на негово лично име, во градот Бризбен. Синодот сè уште не презел ништо ни за враќање на четири други храмови кои се регистрирани како лична законска сопственост на приврзаници на Петар, или пак за иноверските храмови во кои Петар и неговите попови одржуваат служби само за таму да пренасочат верници од храмови кои Синодот минатата година ги прими под своја директна надлежност, вели Аврамовски Александров.




