Владата денес информираше дека до крајот на 2014 година ќе бидат отворени нови 14 градинки во земјата.

“Во рамките на овие 14 градинки кои ќе бидат отворени до крајот на 2014 година, постојат три групи на објекти. Првата група е објекти кои ќе бидат новоизградени и во нив ќе се одвива дејност згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, втората група на објекти значи проширување на капацитетите на веќе постоечките објекти на детски градинки со цел овозможување на услови за опфат на поголем број на дечиња, и третата група на објекти за детски градинки, претставува отворање на детска градинка во веќе постоечки објекти од дејноста образование или култура при што се врши градежна интервенција, реновирање и адаптација на просторот и негово опремување со цел да бидат задоволени законските услови за овозможување на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и зголемен опфат на деца за таа намена.

Дел од овие објекти се градат, адаптираат, реновираат и отвораат со финансирање од страна на централната власт, а дел во соработка на централната власт и општините, при што во определени случаи централната власт го финансира најчесто опремувањето или пак дел од градежните работи, што претставува добар пример за соработка на Владата и општините во интерес на задоволување на потребите на граѓаните. Сите овие објекти во кои ќе се отворат детски градинки ќе ги исполнуваат високите стандарди и законски услови за реализација на дејноста.

Владата на Република Македонија за отворање на овие 14 објекти ќе финансира 58 милиони денари, а со отворањето на овие 14 детски градинки ќе се овозможи нов опфат на околу 750 дечиња, што значи вкупниот капацитет на детските градинки во земјата ќе биде зголемен за околу 750 места.

Она што е особено битно да се акцентира е дека дел од овие детски градинки кои ќе бидат отворени претставуваат градинки кои ќе се отворат во населени места во кои досега воопшто немало градинка. Во минатото заради таквите услови, родителите биле приморани да ги носат своите дечиња во градинки во населени места кои се на оддалеченост и до 10 или 15 километри од местото во кое живеат. Сега со отворањето на овие градинки во овие места родителите ќе добијат на заштеда на време и средства, а децата ќе може да се социјализираат во местото во кое што живеат што од социолошки и едукативен аспект дава позитивни ефекти.

Владата ќе продолжи со инвестиции во инфраструктурата на детските градинки, и согласно програмата за работа на Владата е предвидено на годишно ниво да бидат отворани по најмалку 10 нови градинки”, инфомира Владата.

Градинките се планираат во Дојран, Василево, Сарај, Карабинци, Кривогаштани, Демир Капија, Виница, Ѓорче Петров, Дебар, Кочани, Босилово и две во Кисела Вода во Скопје.