Не биле 20, туку 4 предлози на ВМРО ДПМНЕ за исфрлувањето на новинарите. Наместо тоа да биде уставно прекршување, власта барала во заклучокот од извештајот на ад хок комисијата да стои „отсуство на стратегија“, информираат извори за НОВА, кои инсистираа на анонимност.
Премиерот Никола Груевски вчера остро ги демантираше тврдењата на опозицијата дека не се согласиле единствено околу заклучокот за исфрлањето на новинарите и тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ понудила 20 предлози за тој заклучок кои СДСМ ги одбил.
Во ниту еден од четирите предлози не се спомнува прекршување на Уставот.
Првиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за исфрлањето на новинарите бил „Отсуството од соодветни насоки за справување со вакви-слични ситуации, вклучително и отсуство на стратегија за справување со медиуми во кризни ситуации, резултираше со ад хок пристап, кој ја нарушува непишаната практика за обезбедување на јавност преку присуство на новинарите во Галеријата.“
Вториот предлог на власта гласел: „Отсуството од соодветни насоки за справување со вакви-слични ситуации, вклучително и отсуство на стратегија за справување со медиуми во кризни ситуации, резултираше со ад хок пристап, СРМ со посебно внимание и отвореност треба да се однесува кон слободата за известување на медиумите и да ги применува принципите од најдобрата европска практика во овој сегмент, како и уставно загарантираните права за јавно информирање и јавност во работата на СРМ а земајќи ги предвид настаните од 24.12.2012 г.“
„Отсуството од соодветни насоки за справување со вакви-слични ситуации, вклучително и отсуството на стратегија за справување со медиуми во кризни ситуации, резултираше со отстранување на новинарите од Галеријата, чиешто присуство таму било практика, но не и пишано правило, со што се доби впечаток дека била прекршена гаранцијата за слобода на јавно информирање и јавност во работата на СРМ“, бил третиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Последната опција за исфрлањето на новинарите ВМРО-ДПМНЕ предложиле да гласи: „Отсуството од соодветни насоки за справување од ваков тип ситуации, вклучително и отсуството на стратегија за справување со медиумите во кризни ситуации резултираше со отстранувањето на новинарите од собраниската галерија што отвори прашања за нарушување на гаранцијата за нивна можност непосредно да дојдат до информација согласно дотогашната практика“.
Додека за СДСМ интервенцијата на полицијата е прекршување на Уставот, за премиерот Никола Груевски нема ништо противуставно, бидејќи како што изјави вчера „отстранувањето на новинарите, за чие присуство во собраниската галерија има само пракса, но не и законска обврска или пишан документ, беше дел од пошироката безбедносна стратегија во кризна состојба“, а според Груевски во галеријата освен новинари имало и партиски членови на СДСМ додека полицијата интервенирала само за нив.




