Македонија има меѓу најниските буџетски дефицити во Европа и е четврта најниско задолжена земја во Европа, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ на прашањата на потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов.
Претходно, на денешната прес-конференција, Узунов постави неколку прашања до владејачката партија околу Предлог ребаланс на Буџетот за 2013 година и објавените податоци за остварувањето на овогодинешниот Буџет, заклучно со месец август, повикувајќи ја партијата на Груевски да одговори „каде е крајот со „игрите“ на парите на граѓаните“.
-Факт е дека му пречи на СДСМ, бидејќи фактите и бројките ги побиваат приказните за грчкото сценарио кои ти се обидуваат да ги пласираат во јавноста. Ако СДСМ не им верува на бројките и на фактите тогаш нека им верува на ММФ и Светската банка, кои како независни меѓународни институции, го потврдија тоа – дека Македонија е ниско задолжена земја со умерен буџетски дефицит, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие повторно го прашуваат Социјал-демократскиот сојуз, што имаат против пензионерите па се контра исплатата на покачувањето на нивните пензии?
Велат, „дури беа тие на власт им кратеа од пензиите и доцнеа со исплатата, па сега повторно се обидуваат преку интриги околу ребалансот да ја спречат исплатата на покачувањето. Способноста на СДСМ за водење на економијата и државата е одамна покажана и докажана. Во време на светски економски бум во светот, СДСМ имаа бледи економски резултати. Се прашуваме каква катастрофа би било ако СДСМ ја менаџираше земјава во време на светска економска криза. Грчкото сценарио сигурно тогаш би изгледало розово“.




