По објавувањето на денешната 35. по ред опозициска „бомба“ ,владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ повторно со реакција дека материјалите се креирани, сечени и монтирани. Од владејачката партија преку соопштение велат дека јасно е оти мрачните сценарија на Заев доживеале дебакл.
„Готово е Заев, готово е! Колку и да се обидуваш да шириш некоја лажна еуфорија помеѓу твоите, колку и да го пушташ Дамјан Манчевски наместо тебе да дава лажни наративи и воведи за креираните, сечени и монторани материјали, на целата јавност веќе и е јасно дека твоето мрачно сценарио доживеа дебакл, а ти самиот сега не знаеш како да се извлечеш од поразот кој по кој знае пат ти го испорачаа граѓаните, но требаше да мислиш порано.
Пет години, а особено последните пет месеци, трубеше на фанфари дека наводно во Скопје 2014 имало некаков наводен криминал, за денеска дури и со твоите креирани материјали да се увиди дека нема ни К од криминал, туку напротив има залагање за реализација на проекти кои се од интерес на сите граѓани и ние сме благодарни што и ти самиот со твоите креирани материјали тоа го потврди.
Би сакале да ти заблагодариме и што потсетуваш и ни ги промовираш проектите, новите над 300 автобуси со кои дневно се возат над 110 000 граѓани, новиот Аква парк, планот за изградба на модерен Луна парк, новите објекти кои се изградени за институциите да имаат седишта како секаде во светот и да не плаќаат скапи кирии како потстанари, што ти и со твоите монтирани материјали покажуваш дека сме луѓе кои се залагаат да се направат работи за да го подобрат животот на граѓаните и сме фокусирани да ги исполниме ветувањата кои сме ги дале пред народот.
Самите вие потврдувате дека работиме многу и имаме конкретни проекти кои ќе останат како трајно наследство за народот и Република Македонија, како што покрај наведените во денешните креирани материјали се и седумдесете училишта кои ги изградивме и над 350-те кои ги реновиравме, најмодерната медицинска опрема и апарати кои ги обезбедивме, над 120-те милиони евра кои ги инвестиравме во нови здравствени капацитети, аеродромите кои ги изградивме, автопатите кои ги изградивме и градиме, Националната арена Филип Втори, над 130-те илјади работни места кои ги отворивме и уште останати над 2000 проекти кои ги реализираме.
А ние се уште очекуваме одговор на клучното прашање каде одеа парите во времето на СДСМ бидејќи јавноста не памети еден Ваш проект.
Сакаме да Ви посочиме дека сме, и загрижени од појавата да давате лажни воведи пред да ги пуштите креираните материјали, и токму тие лажни воведи се демантирани од креираните материјали, и тоа е веќе толку очигледно за целата јавност што почнувате да предизвикувате и хумористични реакции на моменти. Јалово е ова што го правите и претставува бламажа за самите Вас.
Готово е Заев,готово е!“, се вели во соопштението.




