– Гледаме слушаме и не ни се верува. СДСМ денеска промовираше мерки кои што наводно според нив значат големи реформи и уште веднаш да кажеме дека со овие мерки СДСМ ја враќа земјоделската политика 15 години наназад. Сето ова што денеска ни го понуди СДСМ се само општи наслови како во времето на комунизмот кога главниот слоган беше: Ќе бидете среќни ама ако не ви кажеме како, потенцираше денеска на прес-конференција Маргарита Делева, од Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Делева, во сите сфери за кои зборувале од СДСМ, владата на ВМРО- ДПМНЕ веќе ги реализирала – по обем два, три или четири пати повеќе.
– СДСМ замислете реформата во земјоделството ја претстави на еден лист хартија, а ВМРО- ДПМНЕ ја има Стратегијата на повеќе од сто страници со конкретни мерки, рокови и начини на финансирање, износи и анализи. СДСМ не ја следи политиката во земјоделството, не ги следи состојбите, нема допир со реалноста, нема анализа, предлага нешто што е одамна реализирано или пак се анализира во поголем обем од она што тие го предлагаат. Како на пример:
СДСМ предлага 10 милиони евра годишно за системи за наводнување, ВМРО веќе дава 18 милиони евра годишно.
СДСМ предлага 30% покривање на средства за дупчење на бунари, ВМРО-ДПМНЕ веќе дава 100% средства.
СДСМ предлага 15% за учество во градба на капацитети, ВМРО-ДПМНЕ веќе финансира 50% од трошоците за инвестиции.
СДСМ предлага финансирање на трошоци за финансирање на брендирана амбалажа, ВМРО-ДПМНЕ веќе финансира трошоци за брендирана амбалажа во винарската индустрија и за извезени преработки од овошје и зеленчук, вели таа.
Делева вели земјоделците знаат кој е нивниот вистински пријател и знаат кој досега им помогнал и знаат дека во целиот мандат СДСМ им има дадено 5 милиони евра, а ВМРО-ДПМНЕ досега дал 500 милиони евра и уште повеќе во наредниот период.
„Земјоделците знаат дека во време на СДСМ плаќаа 15, 18 и 24% данок и знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ги спушти тие даноци и сега се 0% за малите земјоделци, 2% за средните и 10 % за големите земјоделци. ВМРО-ДПМНЕ за средните земјоделци ги намали и придонесите за над 25% и од претходните околу 7000 денари плаќаат 4500 денари, а за малите земјоделци придонесите ги намали на од 7000 денари на 1800 денари“, нагласи членот на комисијата за земјоделие на владејачката партија.
Таа заклучи дека СДСМ не ги познава работите во земјоделството и функционирањето на меѓународните организации.




