Манипулациите на СДСМ не можат да го побијат фактот дека Македонија е една од најниско задолжените земји во регионот и Европа, реагира владејачката ВМРО ДПМНЕ.
>> Наумов: Во 100-те дена Влада, задолжувани сме по 6 милиони евра на ден
– Откако во 2007 и 2008 година ги исплативме долговите кои тие ги направија додека беа на власт станавме една од најмалку задолжените земји. Тоа сме и денеска. Тоа е факт. Тоа го потврдува и европската статистика ЕУРОСТАТ, се вели во реакцијата на владејачката партија.
Оттаму велат ЕУРОСТАТ ги признава и мониторира строгите стандарди според кои денеска работи Државниот завод за статистика, што не било случај во време на владата на СДСМ.
– Веројатно Наумов се потсеќа како функционирало кога тие биле на власт, па мисли дека сите работат така. Но не се сите исти, има луѓе кои работат чесно и на кои чистиот образ им е свето нешто, стои понатаму во реакцијата.
Во однос на висината на долгот, Министерството за финансии како една сериозна и меѓународно признаена институција, работи според официјални податоци на Народната банка на Република Македонија и Државниот завод за статистика, кои исто така се меѓународно признаени институции. Секоја графа во табелите кои ги објавува Министерството има официјален извор, реагира ВМРО ДПМНЕ.
Партијата на власт реагира дека, Кире Наумов кој денеска на прес-конференција рече дека Владата во 100-те дена работа ги задолжила граѓаните по 6 милиони евра на ден, никаде не спомнува од каде ги преземал податоците и од која институција.