Судирот меѓу двете најголеми партии околу Избирачкиот список добива на интензитет.
Денеска тројцата членови на ДИК од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Стефановска, Влатко Сајкоски и Сашо Срцев се дистанцираа од еден дел од вчерашното соопштение на ДИК.
Тие оцени, според нив, го отсликуваат личниот став на претседателот Борис Кондарко, а тие воопшто не биле консултирани. Обвинувањата од Кондарко и од СДСМ дека тие се мнозинство и дека тие го кочат прочистувањето на избирачкиот список, ги нарекоа тендециозни и некоректни.
На оваа изјава повторно реагираше претседателот на ДИК, велејќи дека не обвинил никого за попречување на прочистувањето на избирачкиот список и дека вчерашната реакција била во негово лично име, а не во име на ДИК.
“Не сум рекол дека некој ја опструира работата, како што истакнуваат некои мои колеги, туку реков дека и кога би сакал, немам шанси да ја попречам работата, бидејќи членовите од власта во ДИК го имаат мнозинството и во еден колективен орган како што е ДИК, може да иницираат свикување седница, расправии и да одлучуваат со мнозинство гласови, независно од ставот на првиот човек на ДИК. Потенцирам дека во моментот ДИК, преку експертите на ОБСЕ, работи на прашања поврзани со проверката на Избирачкиот список“, возврати Борис Кондарко – претседател на ДИК.
Кондарко објаснува дека ДИК сѐ уште ја нема преземено во целост обработката на податоците поврзани со избирачкиот список. Според него, Државниот завод за статистика, како надлежен орган, сѐ уште не ги испратил податоците од редовното ажурирање на избирачкиот список во јули годинава. Ова, вели Кондарко, е констатирано и на последната средба на работната група за прочистување на избирачкиот список, одржана во септември.
Вчера премиерот Груевски го прозва Заев и од него побара на Кондарко како член на СДСМ да му наложи да почне да работи на прочистување на списокот.
Од кога опозицијата е надлежна за сите процеси, па и за ревидирање на Избирачкиот список, праша Зоран Заев реплицирајќи на изјавата на премиерот Груевски за тоа дека опозицијата е одговорна за застојот во ДИК.
Да ги повикаш Зоран Заев и Борис Кондарко како наш претставник во Државната изборна комисија, а да знаеш дека мнозинството во ДИК е од власта, е чист обид да се замагли сè во очите на јавноста, рече Заев во својата реакција на изјавата на Груесвки, кој вчера од Заев побара да му наложи на Кондарко да започне со ревизија на Избирачкиот список.
Јас го повикувам премиерот да им даде насока на неговите претставници во ДИК да започне постапката за ревизијата на Избирачкиот список. Еден милион и петстотини и педесет полнолетни граѓани се во Македонија кои се гласачи и не може да има повеќе.




