Госпоѓата Радмила Шеќеринска поставува прашања за имотна состојба на членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е сосема легитимно и ние како партија немаме проблем со тоа. Напротив, изјави на денешната прес-конференција Светлана Јакимовска, од ВМРО – ДПМНЕ.
– Но госпоѓата Радмила Шеќеринска покрај прашања, денес треба да даде и одговори. И тоа е легитимно. Се надеваме дека и за неа нема да биде проблем да даде одговор. Во имотниот лист на Радмила Шеќеринска сите можеме да видиме дека таа и нејзиниот сопруг имаат недвижен имот кој навистина е огромен.
– Радмила Шеќеринска со својот сопруг имаат 4 стана во Скопје и еден во луксузниот дел на Охрид, во вкупна големина од 389 метри квадратни. Јас искрено и не познавам друга фамилија која во Скопје и Охрид, во урбаниот и централен дел на градот има толку голем недвижен имот.
– Ако имаме во предвид дека тој имот има висока вредност, просечно по 1 300 евра за метар квадртен, тогаш доаѓаме до факт дека само становите на семејството Шеќеринска вредат најмалку 505 700 евра.
– Фамилијата Шеќеринска-Јанковски само во станови има пола милион евра. Она што за нас е исклучително значајно и сомнително е што овие станови се стекнати во периодот од 2006 до 2011 година. За само пет години, пет стана во вредност од најмалу 500 000 евра. Тоа е период кој е веднаш после периодот во кој Радмила Шеќеринска беше потпретседател на Владата на Република Македонија.
– Знаеме дека г-ѓата Радмила Шеќеринска денес ќе се оправдува со бизнисот на нејзиниот сопруг. Но треба да знае пред да заглави, дека ќе мора на јавноста да и покаже и докаже дека нејзиниот сопруг остварува многу високи приходи. Нема никој да верува на празни муабети. Треба да видиме дали е возможно бизнисмен како сопругот на Шеќеринска може да заработи толку многу пари или неговиот бизнис е само покритие за нешто друго.
– Само еден од овие станови е со површина од 178 м2, вреден скоро 200.000 евра. Тоа е онолку колку што на четири семејства им е потребно. Освен овој имот, на анкетниот лист на Радмила Шекеринска може да се види дека г-ѓата Шекеринска има и неколку девизни и денарски сметки на кои не е посочен износот на пари кој што таа го поседува во комерцијални банки во Македонија, како и уметнички дела за кој исто така не е посочена вредноста.
– Г-ѓата Шеќеринска ќе мора да одговори на овие прашања. Да видиме дали сите тврдења на медиумите за нејзиниот луксузен стил на облекување и живеење се вистина. Да видиме дали еден толку богат човек може себе си да се претставува за социјал-демократ или само ја користи и злоупотребува политиката за други цели, рече на денешната прес-конференција Светлана Јакимовска, од ВМРО – ДПМНЕ.




