Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промени во Уставот, за кои е потребно двотретинско мнозинство, затоа што нема никаква гаранција дека со тоа ќе се затвораат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија.
– И дека до самото членство на Македонија во ЕУ, нема да имаме повеќе вакви хегемонски барања од страна на политичарите кај нашиот источен сосед, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека министерот за надворешни работи Бујар Османи продолжувал, како што рече, да не ја говори вистината и да го манипулира народот, бидејќи тоа што се слушало од Софија е дека сигурно ќе нема преговори.
„Единственото нешто кое што може да се случи е да се случи прва меѓу владина конференција“, вели Мицкоски.
Тој појасни дека таа прва меѓувладина конференција е „фолклор, односно настан без суштина“.
„Ќе се сликаат претставниците на Европската комисија и на македонската влада, и тука завршува се. Нема да почнат преговорите се додека целокупната преговарачка рамка, ние не ја испочитуваме, а во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително и интервенцијата во македонскиот Устав“, рече Мицкоски.