При објавувањето на денешната бомба, Зоран Заев презентирал режирани и сечени материјали кои не докажувале ништо криминално и ништо што не е во согласност со законите, смета владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
– Неговото воведно обраќање претставува манипулација и наведување во целосно погрешен контекст кој единствено му одговара на Зоран Заев. Токму затоа тој имаше денес подолг наратив од самите креирани материјали кои ги пушта во јавноста. Тоа е од причина што самите материјали иако и така монтирани и сечени немаат никаква релевантност и не докажуваат ништо.
– Па така тој спомена дека биле организирани авионски линии за пренесување на гласачи, а всушност зад тоа стои организирање на авиони за следење на Европското првенство во кошарка, нешто за што беше информирана и целата јавноста и се одвиваше низ комплетно транспарентен процес.
– Потоа Заев сакаше да претстави дека била направена незаконитост со заплена на компјутери, а всушност станува збор за опрема која е одземена и по направените проверки постои обврска истите да бидат вратени, што и било направено, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.
Што се однесува до автомобилот кој Заев го спомнал, од ВМРО ДПМНЕ велат станува збор за комплетно неточен и манипулативен наратив, односно дека автомобилот не бил на Никола Груевски, туку сопственост на Република Македонија, поточно на Министерството за внатрешни работи кој се користел за обслужување на високи странски гости, делегации и политичари.
– Автомобилот е блиндиран што ја објаснува и неговата вредност. Заради фактот што возилото во кое се вози премиерот е над 20 години старо, новиот автомобил се користи при посети на премиерот надвор од Скопје, или во случаи кога старото возило кое го користи е на поправки или сервис, се вели во објаснувањето на партијата на Груевски.
Оттаму велат, сите тврдења на Заев биле шпекулација, невистина и лага а целокупното негово политичко дејствување се засновало на монтирани и сечени материјали чија драматичност се правела со исклучиво неточен наратив.
– Денес дури и самиот ги интерпетираше зборовите и сопственото толкување на работите. Самите креирани материјали не се соодветни со фактичката состојба. Нема ниту рекет, ниту местење на тендери. Зоран Заев е свесен за тоа и затоа отворено манипулира, се вели понатаму во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.




