Не е возможно свекрвата на Радмила Шеќеринска, сега пензионер, а во минатото административен работник да има вила во вредност од најмалку 150.000 евра, реагира ВМРО – ДПМНЕ.
Според нив, Радмила Шеќеринска и нејзиниот сопруг ја граделе оваа вила, а не нејзината свекрва. За тоа сами давале изјави за Глобус и Вест. Денес Радмила Шеќеринска се демантира себе си, вели владејачката партија.
– Свекрвата на Радмила Шеќеринска во својот живот работела како административен работник во две министерства и нејзините приходи биле просечни како и на секој службеник во државната администрација.
Апсолутно е невозможно човек кој целиот свој работен век го поминал во администрација да поседува вила од 150.000 евра и попатно да има и друг имот онаму каде што живее. Дури и ниту еден денар да не потрошила за ништо во својот живот, ниту за струја, ниту за вода, за парно, за лекови, за леб, за млеко, свекрвата на Радмила Шеќеринска не би можела да заштеди 150.000 евра, а камоли само во Маврово да располага со толку скап и луксузен имот.
– Радмила Шеќеринска призна дека семејство Шеќеринска-Јанковски има непријавена вила во Маврово. Како што кажавме на прес-конференцијата, Радмила Шеќеринска сама признава во медиумите дека токму таа и нејзиниот сопруг со многу емоции ја граделе оваа луксузна вила, а не како што денес вели Шеќеринска, нејзината свекрва, сметаат во ВМРО – ДПМНЕ.

Дали во оваа држава само медицинската сестра, мајка на премиерот може да има 4 стана, а друг никој ништо не смее да има?, праша СДСМ.
Дали истата математика ја применија и за мајката на премиерот и нејзините примиња?
Груевски и ВМРО-ДПМНЕ нека дадат одговор и на овие прашања.




