Дали за случајот „ТНТ“ за рушењето на „Космос“ на Фиат Цаноски во кој меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, следната недела ќе има пресуда или судскиот процес ќе почне од почеток? Оваа дилема доби уште повеќе на сила по драмата која се случи утрово пред Кривичниот суд, каде членови на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, партиски поддржувачи како и пратеничките Невенка Стаменковски и Жаклина Пешевска се обидоа да извршат политички притисок врз судството, наводно давајќи им поддршка на обвинетите за одмаздничкото уривање на комплексот „Космос“ Цаноски, затоа што овој ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година.
„Дојдени сме да им дадеме поддршка на обвинетите во „ТНТ’, но судот не нè пушти внатре од безбедносни причини. Судењето е јавно, не знаме зошто не нè пуштаат внатре“, рече Александар Трајковски, советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба, обвинет во „Насилства и шамари во Центар“, кое судење, исто како „ТНТ“, е на самиот крај.
Низата обиди за блокирање на распитот на обвинетите Миле Јанакиески, Тони Трајковски, ексградоначалник на Гази Баба и четворица вработени во Општината кулминираа вчера со бојкот на адвокатите на судењето поради што добија парични казни од по 2.000 евра.
Четворица од вкупно седум обвинетите во судскиот процес ТНТ за уривањето на комплексот „Космос“ вчера во судница се појавија без адвокати. Судијата Огнен Ставрев, кој е на чело на судечкиот совет, им изрече три казни од по 2.000 евра на тројцата адвокати бидејќи советот смета дека тоа е непочитување на судот и сакаат само да го одолговлекуваат процесот.
Адвокатите Мерџан Даути и Донче Наков, кои вчера беа казнети, не дојдоа ни денеска, иако уредно повикани, како и еден од бранителите поставени по службена должност, адвокат Дејан Славковски. Останатите адвокати по службена должност се појавија во судотко. Бранителите по службена должност вчера до крајот на работниот ден правеле увид во списите на предметот, а судот им дозволи и денеска два часа да прават увид по што во 12 часот треба да продолжи рочиштето. За денеска е предвиден распит на обвинетите.
Тактиката за одложување, одолговлекување а можно и враќање на самиот предмет од почеток е веќе позната работа. Претходно адвокатот Даути бараше превод на целиот предмет на албански јазик, откако на крајот на овој судски процес обвинетата Елисавета Најдовски реши да му го откаже полномошното на адвокатот Димитар Дангов и да најми адвокат Албанец. На завчерашното рочиште пак тој кажа дека според Законот за судови двете поротнички не треба да бидат дел од судечкиот совет поради истек на мандатот, а за тоа рече дека го известил и претседателот на судот, Иван Џолев, како и Судскиот совет.
Соочен со опасноста уште еден процес покренат од СЈО да застари, самиот судија во процесот наречен ТНТ, Огмнен Ставрев, одамна предупреди дека адвокатите на одбраната ја злоупотребуваат процесната постапка со цел одолговлекување на предметот. Тој обвини за злоупотреба од страна на адвокатите за одолговлекување на постапката, бидејќи се изведени голем број докази и таа е во фаза на окончување.
Коалицијата за правично судење направи краток рекапитулар за тоа како течела главната расправа во случајот „ТНТ“
24.01.2018
- На рочиштето се дадоа воведни говори од страна на СЈО, а одбраната даде воведни говори, но побара од судот да им биде дозволено на следното рочиште да можат да ги дополнат овие воведни говори.
- 09.02.2018
- Одбраната побара одлагање на ова рочиште за главна расправа поради тоа што на истиот ден го доби записникот од претходното рочиште и и беше потребно време за подготување на воведните говори.
- 15.02.2018
- Рочиште се одложи на барање на одбраната. Имено, бранителите бараа увид во доказите (преслушување на аудио снимките и СМС пораките) во судот.
- 16.03.2018
- На рочиштето одбраната даде дополнување на воведниот говор иако законот не познава ваква можност, судот констатирајќи го истото сепак им дозволи на бранителите повторно да дадат воведен говор.
- 05.04.2018
- Рочиштето се одложи затоа што пред почнување на расправата одбраната на обвинетите достави до судот предлог за изземање на судечкиот совет, на судиите Иван Џолев, Пајазит Пајазити од Основен суд Скопје 1, како и на судиите Лидија Димчевска и Сафет Кадриу од Апелациониот Суд во Скопје. Судот предлогот го достави до Врховниот Суд.
- 13.04.2018
- Рочиштето се одложи поради тоа што Врховниот суд сè уште се немаше произнесено по предлогот од претходното рочиште за изземање на судечкиот совет.
- 11.06.2018
- На ова рочиште се изведуваа аудио снимките и СМС пораките како докази на СЈО. Беа изведени 26 аудио снимки, додека пак во однос на СМС пораките, подготвено е вештачење. Откако беше продолжено со читање на СМС пораките од страна на обвинителот, а беа презентирани вкупно 64 СМС пораки, одбраната приговараше на автентичноста на изведените докази.
- 03.07.208
- На ова рочиште постапката продолжи во фаза на доказна постапка. Се изведуваа писмените докази предложени од страна на СЈО.
- 29.08.2018
- Рочиштето се одложи поради тоа што еден од обвинетите не ја усогласил својата одбрана пред судот со својот бранител.
- 10.09.2018
- На ова рочиште продолжи доказна постапка, а на истото Специјалното јавното обвинителство ги презентираше своите материјални докази во форма на две видео-снимки.
- 15.10.2018
- Рочиште се одложи по барање на обвинет, а поради присуство на седница во Собрание на РСМ за гласање на уставните измени.
- 25.10.2018
- На рочиштето СЈО презентираше дел од своите материјални докази. На почетокот на рочиштето, одбраната побара 129 од вкупно 668 докази да бидат презентирани подетално, бидејќи тие биле важни за нивниот случај. Рочиштето беше одложено поради работни обврски на судијата Осман Шабани.
- 30.10.2018
- На рочиштето се изведоа материјални докази од страна на јавниот обвинител.
- 15.11.2018
- На рочиштето, по барање на специјалното јавно обвинителство судот донесе решение за судење во отсуство на обвинетиот Н.Г, а воедно беше и определена мерка притвор. Рочиштето за главна расправа продолжи во фаза на доказна постапка и при тоа беше испитан еден сведок.
- 27.11.2018
- На рочиштето се сослушаа пет сведоци предложени од страна на јавниот обвинител.
- 29.11.2018
- На ова рочиште се испитаа тројца сведоци предложени со обвинението
- 11.12.2018
- На рочиштето се испитаа 4 сведоци предложени од страна на СЈО.
- 25.12.2018
- На рочиштето се испитаа 4 сведоци предложени од страна на СЈО.
- 16.01.2019
- Продолжи постапката со изведување на докази на специјалното јавно обвинителство. Беа прочитани исказите на 2 сведоци дадени во истражна постапка поради тоа што едниот сведок е починат, а другиот е надвор од државата и не е достапен. На рочиштето исказ даде и оштетениот.
- 24.01.2019
- Денешното рочиште продолжи со доказна постапка така што јавниот обвинител ги презентираше материјалните докази предложени од страна на обвинителството, но во присуство на технички советник чие што присуство беше побарано од страна на одбраната
- 07.02.2019
- На рочиштето се изведоа 40 материјални докази на одбраната.
- 26.02.2019
- На рочиштето се презентираа материјалните докази на одбраната, во форма на документи од вештачења, пресуди.
- 12.03.2019
- Главната расправа продолжи во фаза на доказна постапка и притоа беше испитан технички советник, повикан од страна на одбраната.
- 18.03.2019
- На ова рочиште се испита технички советник од областа на геодезија и вештак – професор на Архитектонски факултет
- 21.03.2019
- На рочиштето се испитуваше сведок предложен од СЈО.
- 03.04.2019
- На ова рочиште се испитаа 5 сведоци повикани од страна на одбраната
- 19.04.2019
- Рочиштето за главна расправа се одложи поради отсуство на претседателот на судечкиот совет.
- 22.04.2019
- Судењето започна 1 час подоцна бидејќи обвинетиот М.Ј не беше спроведен од куќен притвор. На рочиштето се испитуваше еден сведок повикан од одбранта.
- 15.05.2019
- На рочиштето се испитаа 4 сведоци на одбраната.
- 22.05.2019
- Рочиштето се одложи поради отсуство на обвинет.
- 30.05.2019
- На рочиштето се испитаа 2 сведоци на одбраната.
- 07.06.2019
- На рочиштето се испитаа 2 сведоци на одбраната
- 27.06.2019
- Рочиштето се одложи поради непотполн судечки совет.
- 04.07.2019
- Рочиштето се одложи поради непотполн судечки совет.
- 15.08.2019
- На рочиштето беа присутни 3 од повиканите 7 сведоци за испитување. Беше испитан само 1 сведок директно од страна на одбраната.
- 20.08.2019
- Рочиштето беше одложено поради отсуство на претседателот на судечкиот совет.
- 30.08.2019
- На рочиштето главната расправа продолжи во фаза на доказна постапка, беше испитан 1 сведок предложен од одбраната.
- 11.09.2019
- Рочиштето беше одложено по барање на јавниот обвинител бидејќи предметите што се водеа од страна на Специјалното јавно обвинителство се превземаат во надлежност на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
- 23.09.2019
- На рочиштето главната расправа продолжи во фаза на доказна постапка, беа испитани 2 сведоци и 1 технички советник предложени од страна на одбраната
- 07.10.2019
- Рочиштето за главна расправа продолжи во фаза на доказна постапка, при што беше испитан технички советник.
- 15.10.2019
- Рочиштето за главна расправа продолжи во фаза на доказна постапка со испитување на технички советник.
- 24.10.2019
- Рочиштето за главна расправа се одложи поради отсуство на еден од обвинетите, бранители и сведоци.
- 29.10.2019
- Рочиштето за главна расправа продолжи во фаза на доказна постапка и притоа беше испитан еден сведок предложен од страна на одбраната.