Владеачката ВМРО ДПМНЕ истапи со реакција на прес коференцијата на СДСМ во која опозициската партија ја обвини власта дека преку УЈП сее страв меѓу граѓаните.
Ставањето на СДСМ во улога на адвокат на оние кои не ги почитувале законите е класична политичка злоупотреба зошто сериозна политичка партија не смее да го прави тоа. Напротив, мора да повикува на почитување на законите и одговорност спрема институциите. СДСМ се наоѓа во длабока криза, нема идеја како да им се допадне на граѓаните, па срамно се нуди да биде адвокат во вакви случаи. Во Република Македонија, се нагласува во реакцијата, има 54 илјади регистрирани субјекти кои имаат фискални каси. Обврската на сите нив е да ги почитуваат законите и да издаваат фискални сметки. Неколкуте примери кои СДСМ ги наброја во Битола, Крушево, Кавадарци или во било кој друг град не ги почитувале законските одредби. Има такви примери сега, имало и пред 10 години и ќе има наредните 10 години. Инспекции има и во Македонија, и во Хрватска, и во Германија, и во Белгија, и во Америка и во сите држави,, – се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската СДСМ претходно ја обини власта дека сее страв.
Деновиве посебно, токму овие мали правни субјекти, кои едвај преживуваат, се во агендата на УЈП. Им се изрекуваат казни во илјадници евра, за кои може само да сонуваат да ги заработат. Пломби на вратите. Лица во грч на луѓе кои ги изгубиле минималните примања, бизнисот, прехраната на семејството. Тоа е реалната слика за тоа што се случува низ Македонија, изјави Шилегов од СДСМ.




