Како одговор на реакциите на најголемата партија во опозиција, СДСМ, која на премиерот Груевски му забележа дека на општина Шуто Оризари се сетил пред избори, од владејачката партија ВМРО ДПМНЕ велат СДСМ очигледно не можеле да се помират со фактот што во Македонија не престанувал процесот на градење и инвестирање во секоја сфера и во секоја општина.
– Ваквите соопштенија на СДСМ се израз на немоќ и нервоза, бидејќи и покрај 5 месеци пуштање на нелегални, креирани, сечени и прилепувани материјали не ја добиваат поддршката од јавноста. Впрочем се додека СДСМ наместо деструктивна политика не понуди проекти и конкретна работа, како што тоа во континуитет го прави ВМРО-ДПМНЕ, до тогаш нема да добијат избори, стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
Во реакцијата на партијата на Груевски, се вели дека во Шуто Оризари во мандатите на ВМРО-ДПМНЕ во континуитет се инвестирало во водовод, но и нови училишта, улици, спортски терени и многу други проекти во интерес на 30.000 жители на оваа општина.
– СДСМ ја имаше власта и на централно и на локално ниво, а не успеа ниту да отпочне ваков капитален проект како што е водоводот во Шуто Оризари. За волја на вистината СДСМ не изгради ниту еден нов водовод во било кој град, населба или село во Македонија. Оттука со право се поставува прашањето каде одеа парите во време на СДСМ. Одговорот е едноставен, во џебовите на нивните партиски функционери, во бисери за министерките, секаде на друго место, само не кај граѓаните, стои во реакцијата на партијата.




