СДСМ сака да ја сокрие својата одговорност за тоа што ги затрупаа општините во кои се на власт во долгови, реагираат од владејачката партија откако портпаролот на опозициската партија, Петре Шилегов, обвини дека Владата е вмешана во криење сомнителни тендери.
– Дури и претсeдaтелот на СДСМ кој истовремено е и Градоначалник на Струмица има создадено долг од над 4,5 милиони евра. Замислете, ако како градоначалник создал толкави долгови, колкави би биле долговите на државата ако тој ја води. Иста е ситуацијата и со општина Куманово каде СДСМ создаде 9,5 милиони евра долгови, а кумановчани поради задолжување може да останат и без вода за пиење, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму сметаат дека општините во кои владее СДСМ се класичен пример за тоа како се прават матни јавни набавки од кои заработуваат роднини или блиски луѓе на СДСМ, а на граѓаните им остануваат само долгови кои некој друг потоа ги плаќа.
„Вистинските долговите кои ги остава СДСМ излегуваат на виделина дури откако СДСМ ќе ја изгуби власта. Во Охрид на пример, поранешниот градоначалник од СДСМ, Александар Петрески остави долг од над 50 милиони евра за кој дневно се исплаќаат по14 илјади евра камати“, стои подолу во реакцијата.
Владејачката партија уште реагира дека овие податоци се показател за недомаќинското работење на СДСМ онаму каде што е на власта, и укажува дека раководството на СДСМ нема капацитет за водење општини или пак држава.




