Според ВМРО ДПМНЕ, СДСМ продолжува да ги повторува своите прес конференции полни со, како што велат, креирани, монитрани, лепени и прелепувани телефонски разговори, одработувајќи за туѓо сценарио за да дојдат до власт без поддршката од граѓаните.
>> (Аудио и транскрипт) Бомба 11 – СДСМ: 19 снимки за изборниот грабеж во Струмица
– Денес СДСМ одлучил прес конференцијата да ја одржи Панче Орцев, човекот кој е најблискиот бизнис партнер на Зоран Заев и на целиот клан Заеви. Токму овој човек, Панче Орцев и е познат на јавноста по кривичната пријава за затајувањето на данок во вредност од 112 илјади евра во времето кога како директор на ЈПКД Комуналец – Струмица продавал дуќани во локалот Глобал, се вели во реакцијата на владејачката партија.
– Панче Орцев е познат и по тоа што како директор на јавното претпријатие во Струмица, поставен од Зоран Заев, доделувал милионски тендери на фирмите од кланот Заеви и тоа на: семејната фирма на Заеви, АД Еленица, АДГ Пелагонија, фирма во која што акционер е Трајче Заев, братучед на Зоран Заев, Тргопродукт, фирма на стрината и првата братучедка на Зоран Заев, Јавор Шпед, фирма на бизнис ортаците на Заеви во скандалозниот случај Глобал, Симеон и Горан Крстеви, Дикор, фирмата на сопругот на пратеничката од СДСМ, Цветанка Иванова, Клико Градба, фирма на поранешен советник на СДСМ во општина Струмица и уште голем број на други тендери кои се доделени на фирми од кланот Заеви, се вели понатаму во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.
Според партијата на Груевски ова било само мал дел од скандалите за Панче Орцев и Зоран Заев и покажувало каков кредибилитет имале тие.
– Деструктивното сценарио на СДСМ не им поминува кај граѓаните. На сите им е јасно дека СДСМ се обидува без поддршка од народот со директна помош од странски центри да се доберат до власт. Нивната хаотичност е видлива за секого. Очигледно дека СДСМ не бира средства и продолжува да одработува за туѓите интереси на штета на интересите на граѓаните и на државата, се вели во реакцијата на партијата на власт.




