– Дали Радмила Шекеринска беше загрижена кога таа и нејзината партија го газеа достоинството на граѓаните во Македонија. Дали и колку беше загрижена Радмила Шекеринска за криминалната приватизација која ја спроведе СДСМ? Дали Радмила Шекеринска чувствуваше грижа кога се затвораа големите стопански гиганти ФАС, Македонка, Железара, Кожара, Црвена Ѕвезда, Астибо, Карпош и уште стотина други фирми, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Шеќеринска за случајот „Пуч“.

Тие прашуваат дали тогаш Шекеринска чувствувала страв дека граѓаните ќе ја изгубат егзистенцијата, а мал број олигарси од нивната партија ќе се збогателе. Дали Шекеринска била загрижена, кога како што велат од владејачката партија, близу 200 000 работници ги изгубиле работните места во време на владеењето на СДСМ, а скоро толку фамилии останале без парче леб.

– Дали Шекеринска чуствуваше загриженост кога народот осиромашуваше, а елитата од СДСМ ја распродаваше Македонија. Тогаш немаше мерка која можеше да ја измери сиромаштијата во државатам, стои понатаму во реакцијата.

Според партијата на власт, Шекеринска манипулирала, а не одговарала што СДСМ направила за дигнитетот на граѓаните.

Во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ се вели дека, најголемата опозициска партија се занимавала исклучиво со креирање на тензии во општеството, бидејќи само тоа го знаеле.