Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку сооопштение реагира на денешната изјава на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов кој рече дека огласно хиерархиската поставеност во ЈО, баџанакот на Сашо Мијалков и извршителот на Никола Груевски, обвинителот Јован Илиевски, директно и индиректно има можност да влијае на одлуките што се однесуваат на предметот „Пуч“.
Изјавата на портпаролот на СДСМ доаѓа откако Јавното обвинителство пред два дена официјално соопшти дека Јован Илиевски бил формално изземен од постапување по предметот „Пуч“, а според ВМРО-ДПМНЕ, денешната изјава е само уште еден доказ за нервозата кај СДСМ.
„Станува се поголема нервозата која владее во СДСМ од доказите кои постојат за нивниот лидер Зоран Заев.
Петре Шилегов очајно се обидува да манипулира со случајот Пуч, во кој постојат евидентни правни докази и признанија за вмешаноста на Заев во деструктивното сценарио со кое се обидува да се дограби до власта. Целосно е разобличен планот на Заев, Верушевски и нивните соработници да ја втурнат Македонија во криза и на тој начин да ги остварат целите на странските центри кои не и мислат добро на Македонија, а притоа да дојдат на власт без избори.
Веќе и на СДСМ им станува јасно дека тоа не им поминува кај граѓаните. Тие јасно го кажаа своето не на нивните креирани, монтирани и прилепувани материјали. И оваа деструктивна епизода, како и претходните не ја доби поддршката на граѓаните, затоа што тие ги прочитаа нивните лаги и скриени намери кои се на директна штета на интересите на државата и на граѓаните.“, се вели во соопштението на владејачката партија.




