Денешната седница на Советот во Центар покажа дека за СДСМ е поважно политиканството, наместо интересите на граѓаните, обвинија советниците во општина Центар од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, по денешното напуштање на седницата во знак на солидарност кон претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ.
„Излегувањето на советниците на СДСМ од седницата на Советот која сами ја свикаа, ја покажа целокупната фарса на СДСМ и градоначалникот Андреј Жерновски“, изјави советникот Томислав Лазаров.
Лазаров рече дека опозициската СДСМ сама се блокира во Центар а тоа оди на штета на граѓаните.
„Советниците на СДСМ и коалицијата по своја иницијатива ја свикаа оваа седница каде што требаше да се разгледува програми на 3 градинки и едно основно училиште и наместо да се донесе одлука во интерес на граѓаните, тие самите неодговорно ја бојкотираа Општина Центар“, надополни Лазаров.
Како што потенцираше тој, СДСМ со ваквите одлуки целосно ја става во своја партиска функција работата на општината. Тој вели, според СДСМ, општина Центар треба да престане да работи.
Во име на советничката група од редовите на владејачката партија во Советот на Центар, Лазаров изјави дека ВМРО – ДПМНЕ секогаш работи во интерес на граѓаните и дека конструктивно ќе учествува во работата на Советот. Тој посочи дека СДСМ прават театар во општина Центар.




