Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски или живее во свет на фантазии или за многу кус период го префатила навиката за лажење од другите функционери на СДСМ, возвраќа ВМРО – ДПМНЕ.
– Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период континуирано спроведуваше мерки кои беа во директна насока за поддршка на посиромашните граѓани.
За социјално загрозените граѓани од 2006 до 2013 година, социјалната парична помош е зголемена за 40,5%, а постојаната финансиска помош за 35%. Дополнително се планира зголемување за 5% на социјалната помош за 3 месеци од сега.
– Просечната пензија во Република Македонија од 2006 година до денес е зголемена за цели 50%, а најниската пензија е зголемена за 64.5%. Само оваа година, пензиите се зголемени за 7,35%. За пензионерите обезбедени се и други бенефиции како бесплатно бањско лекување и бесплатен јавен превоз во Скопје.
– Обезбедено е бесплатно средно образование, бесплатни учебници за учениците во основното и средното образование и бесплатен превоз. Неколку кратно намалена е партиципацијата за школување на државните универзитети и на тој начин се обезбеди поголема достапност до високото образование, што е најдобар начин за борба против сиромаштијата. Благодарение на политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ намалена е невработеноста на 28,7% од претходните рекордни 38,5% кој што зад себе ги остави СДСМ во 2006 година, се вели реакцијата на ВМРО – ДПМНЕ.




