Конвенцијата на ВМРО – ДПМНЕ ќе се одржи на први март кога ќе биде избран и кандидат за Претседател на Република Македонија.
Од партијата денеска ги презентираа процедурите и начинот на работа на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера биле одржани седници на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ при што биле донесени и утврдени неколку предлог акти и одлуки.
На Конвенцијата ќе учествуваат 1300 делегати со право на глас.
Конечниот список со делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија ќе биде објавен на веб страната на партијата.
Според предложениот Деловник за работа на Конвенцијата, кандидатот за Претседател на Република Македонија ќе се избира на тајно и непосредно гласање, на кое ќе учествуваат сите делегати на Конвенцијата.
Секој кандидат ќе има право на свои претставници во процесот на гласање. Секој од кандидатите ќе има право на еднакво право на сопствено претставување и претставување на своите програми пред делегатите на Конвенцијата.
– ВМРО-ДПМНЕ на својата веб страна, во текот на утрешниот ден, ќе го објави и јавниот повик за пројавување на интерес, односно приложување на кандидатура до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија. Критериумите се веќе јавно соопштени. Тие се, дека кандидатите треба да ги исполнуваат уставните услови за извршување на функцијата Претседател на Република Македонија, да се членови на ВМРО-ДПМНЕ или поддржувачи на политиките на партијата и да се наоѓаат себе си во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за државните и национални прашања, информираше Илија Димовски.




