ВМРО-ДПМНЕ смета дека чинот на оштетување на споменикот, поставен на Мостот на цивилизациите, е вандализам и смета дека сите што учествувале во овој вандалски чин треба да сносат своја одговорност. Институциите треба да постапат согласно законот што го дефинира ова прашање, побара владеачката партија.
– Наметнувањето на дебата околу процедурата на поставувањето не смее да биде алиби и оправдување за било какво насилство или вандализам и да затскрие нечие неодговорно и нецивилизирано однесување на Мостот на цивилизациите.
– Споредбата со други случаи низ светот е дегутантна, а на таквото тврдење сигурни сме дека не веруваат ниту тие што го кажуваат, сметаат од ВМРО – ДПМНЕ.
Изет Меџити: Бевме присутни кога се уриваше споменикот на Цар Душан
Во Република Македонија живеат повеќе етнички заедници и ние сите сме должни да ги почитуваме културните и националните одбележја на останатите заедници, затоа што постапување со вандализам кон едни ќе повлече вандализам и кон други.
ВМРО-ДПМНЕ ја разбира целта на поставувањето на споменици на личности од различни цивилизации и периоди (антички, словенски, византиски, римски, христијански, албански, српски и други), личности кои потекнуваат од различни културолошки и етнички идентитети, токму заради тоа што во Археолошкиот музеј се наоѓаат артефакти, кои овие личности ги оставиле зад себе на територијата на Македонија.




