“Со денешната прес конференција се докажаа нашите сомневања дека Зоран Заев и СДСМ не сакаат избори, се плашат од нив и бегаат, посебно поради денес објавената анкета на американскиот Интернационален републикански институт. Зоран Заев знае дека следните избори ќе ги загуби и затоа бега од нив”, реагираше ВМРО-ДПМНЕ по прес конференцијата на Зоран Заев.
Партијата вели дека “денес се докажа дека Зоран Заев и СДСМ ги користат лепените и креирани снимки за класична уцена врз државата и нејзините интереси.
Денешната прес конференција е доказ дека Зоран Заев бега од договорот од 2 јуни кој самиот го потпиша, а чиј поддржувач беше Европската Унија. Договорот го потпиша Зоран Заев, но не беше прифатлив за Милчин, Фрчкоски, Ордановски и Геровски. Заев денес покажа дека повеќе ги слуша нив од тоа што се слуша самиот себе.
Се докажа дека Зоран Заев и СДСМ преку создавање и долготрајно оддржување на политичката криза сакаат негативно да влијаат на растот на економијата и отворањето на нови работни места. На тој начин прават штета на секој еден граѓанин во Република Македонија.
Зоран Заев и СДСМ ја докажаа деструкцијата кон сопствената земја и сопствениот народ. Докажаа дека им се важни само личните и партиски интереси и желбата да дојдат на власт без да добијат поддршка од граѓаните на избори.
Со денешната постапка Зоран Заев и СДСМ ја докажаа политичката неодговорност и покрај јасните пораки од народот и од претставниците на меѓународната заедница.
Зоран Заев докажа дека него единствено што го интересира е како да се спаси себе си од криминалите, уцените, корупцијата и барањето мито кои ги виде цела македонска јавност.
Поради тоа што Зоран Заев во континуитет се заканува со објавување на креирани снимки за случајот Монструм и поради тоа што ние сме убедени дека нема ништо спорно во целиот тој случај, денес јавно апелираме да објави се што има и поседува без да одолговлекува.
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните, политичката стабилност, економскиот развој и отварањето на нови работни места.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го искористи следниот период за организација на партиската структура за одговор на сите можни црни сценарија подготвени и организирани од Зоран Заев”, тврди ВМРО-ДПМНЕ.




