Зоран Заев и овозможил на фирмата на својот братучед Трајче Заев да се стекне со приход од речиси 400.000 евра, преку јавни набавки со општина Струмица и нејзините општински институции, објави денеска Александар Колев од ВМРО-ДПМНЕ.
– Фирмата АДГ Пелагонија Струмица во која Трајче Заев е еден од сопствениците, добила 15 јавни набавки во општина Струмица со вкупна вредност од 24.171.900 денари. Од нив 12 се склучени директно со Општина Струмица во вредност од 12.573.069 денари, а три се склучени со општинското комунално претпријатие во вредност од 11.598.831 денар.
– Ако вчера говоревме дека Заев, користејќи ја позицијата градоначалник и обезбедил заработка од пола милион евра на фирмата Зови Промет во сопственост на неговиот татко и неговиот чичко, сега гледаме дека и фирмата АДГ Пелагонија Струмица во која сопственички удел има неговиот братучед, стекнала приход од околу 400 илјади евра.
– Сите овие 15 тендери со општина Струмица и нејзините институции фирмата АДГ Пелагонија Струмица ги добива од 2008 година, откако Трајче Заев, влегува како еден од сопствениците на оваа фирма. Тоа значи дека фирмата АДГ Пелагонија добила од општина Струмица 400.000 евра откако во неа влегува братучедот на Зоран Заев, истакна Колев.
ВМРО-ДПМНЕ повика Зоран Заев да одговори зошто токму фирмата во која еден од сопствениците е неговиот братучед Трајче Заев добила 15 тендери со општина Струмица и општинските институции. Го повикуваме Зоран Заев да каже зошто друга фирма не го добила овој тендер. Зоран Заев е должен пред македонската јавност да ја обелодени целокупната тендерска постапка и документација за 15 јавни набавки со вкупна вредност од 400.000 евра кои ги добила фирмата АДГ Пелагонија во која Трајче Заев има своја сопственост?




