Според владејачката партија, Андреј Жерновски се обидува да манипулира со јавноста. Од ВМРО-ДПМНЕ велат целокупната постапка за оттуѓување на градежното земјиште за кое што денес говорел градоначалникот на Центар била спроведена во законска и транспарентна постапка.
„На јавното наддавање за земјиштето можело да учествува било кое физичко или правно лице во Република Македонија, вклучително и Андреј Жерновски, Зоран Заев или било која фирма од семејството Заеви кое аплицирале досега на секоја јавна набавка во Струмица“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата на власт, за разлика од јавните набавки во општина Струмица „кои ги добиваат најчесто фирмите на братот, таткото, чичкото, стрината или братучедите на Зоран Заев, за ова земјиште била спроведена лицитација на која можел да учествува било кој и во законска процедура да го добие“.
Изјавите на Жерновски, според владејачката партија, се само алиби, бидејќи велат дека со тоа ја покрива неспособноста да менаџира со Центар.
– Жерновски треба да престане да се прикажува како жртва во јавноста со цел да ја покрие својата неспособност да менаџира со општина Центар. Неговата прес конференција е само алиби за тоа што досега не реализираше ниту еден позначаен проект во општина Центар, а ниту едно ветување кое го даде во предизборниот период не го реализира, стои понатаму во реакцијата.




