Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска го прими и разговараше со Гомбар Алојз, сопственикот на плацот кој државата го продаде за 1.6 милиони евра за изградба на шпанските скали.
Господинот Алојз на градоначалникот Жерновски му ги покажа старите тапии кои што ја докажуваат неговата сопственост.
Скопскиот златар Алојз е инаку внук на Мајка Тереза. Бабата на Алојз и таткото на Мајка Тереза, Никола Бојаџиу биле родени брат и сестра и по оваа линија семејството на Алојз станале сопственици на куќата на Мајка Тереза. Тапијата за сопственост е издадена од Министерството за надворешни работи од Албанија од 5ти авггуст 1947 година и пишува дека мајката на Мајка Тереза, куќата, анот и дворното место ги препишува на Антон Јосифовски, дедо на Гомбар Алојз.
Господинот Алојз покажа документ дека на 8ми април 2005 година во Катастар поднел барање за да му биде издаден имотен лист, но вели сеуште и по осум години не сакаат да контактираат со мене и не сакаат да ми го издадат бараниот документ.

Тој се обратил и до поранешниот градоначалник на општина Центар, до министерот за транспорт и врски и до градоначалникот на град Скопје. Единствено денес оствари средба со градоначалникот на Центар, Жерновски.
Тој во изјава за медиумите посочи дека за продажбата од страна на државата на неговиот плац никој не го консултирал.
„Секој се надева и живее од надеж. Кога чув дека земјиштето е продадено за 1.6 милиони евра и дека на него ќе се градат шпански скали мислев дека ќе ме викнат и ќе ми понудат некакво обесштетување. Јас сум хуман човек исто како Мајка Тереза. Децата ми рекоа зошто не направам нешто за да им ја сочувам дедовината“, вели Алојз.
Градоначалникот Андреј Жерновски откако и вработени во општината ги споредија тапиите со актуелниот ДУП посочи дека сопственоста не е спорна.
„Советот на Општина Центар ќе закаже седница на која ќе бидат презентирани документите, а ќе го поканиме и господинот Гомбар Алојз да ги презентира своите ставови. На седницата ќе бидат поканети и претставници од министерството за транспорт и врски. Своите ставови ќе ги кажат и советниците на ВМРО – ДПМНЕ и советниците на “Сојузот за иднината“, за да може да се влезе во решавање на овој предмет“, изјави градоначалникот Жерновски.




