Цивилната одбрана на Газа денеска соопшти дека 13 лица се убиени во напади на израелските сили на две одделни места, а шест од нив се убиени во пукотница во близина на центар за помош поддржан од САД на југот од палестинската територија.
„Околу 7:00 часот утрово, шест лица се убиени, а неколку други се ранети во напад на „израелските окупациски сили“ во близина на кружниот тек Алам, каде што луѓето се собрале за да добијат хуманитарна помош од американскиот центар во јужната област Рафа“, изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната одбрана на таа територија.
Жител на Газа, кој бил присутен, изјави дека илјадници луѓе се собрале околу кружниот тек и додека стотици од нив се обидувале да влезат во центарот за помош, израелските окупациски сили отвориле оган од оклопни возила лоцирани веднаш до центарот, прво пукајќи во воздух, а потоа и кон цивилите.