Во кафе бар „Излет“ во Скопје денеска во 13 часот ќе се одржи хуманитарен настан „Сите за еден, еден за сите“ за собирање парични донации за подмирување на казните за демонстрантите на Шарената револуција.
– Шарената револуција продолжува со својата борба за враќање на правдата и демократијата во Република Македонија. Но, за жал оваа револуција не е без своите жртви. Притисоците продолжуваат, заканите и уцените продолжуваат. Кафе бар Излет беше дел од еден од ваквите напади. Нас нема да не исплашат. Ќе ја продолжиме нашата поддршка за сите граѓани кои се борат за еднаквост, правда и слобода!
Но, во изминативе неколку дена, притисоците од МВР се заострија. Само во Скопје се поднесени кривични пријави против 7 од најактивните граѓани – нашите Шарени Командоси. За нив се очекува да добијат огромни парични казни за боењето на Триумфалната порта.
Само заедно сме најсилни против злото на овој режим. Да бидеме сите солидарни и да им помогнеме на оние од нас кои си го ризикуваат животот и своите најблиски, во името на сите нас, во името на сите граѓани на Република Македонија. За слобода, за правда, за еднаквост!, се вели во најавата за настанот.
Настанот што ќе започне во 13 часот, ќе трае до 1 часот по полноќ со настапи на диџеите Оги, Диџеј Гоце и Маци.
Порака на поддршка испрати и нашата најпозната манекенка и фото модел Катарина Ивановска.




