До Државната изборна комисија пристигнаа потврдените кандидатски листи за советници и за градоначалници за претстојните локални избори од сите 80 општински изборни комисии и од Градот Скопје.

Прочешлани се досијеата на 6.339 кандидати за советници и градоначалници, потврдува за МИА портпаролот на Комисијата Предраг Димитровски.

Како што информираат од Лустрациска, од четирите надлежни институции за 12 кандидати беше утврдено дека поминуваат низ евиденциите на Државниот архив, но Комисијата утврдила дека ниту едно лице не било соработник на поранешните тајни служби. Станува збор за лица кои имаат исти имиња и презимиња, но според возраста се работи за сосема различни личности.

Во трката за градоначалници се привија 268 кандидати, од кои 25 независни, а останатите се припадници на политички партии. За членови на општинските совети, пак, се поднесени 350 кандидатски листи, од кои 93 независни.

ДИК утре ќе го одржи жребувањето за утврдување на единствената листа на кандидати за членови на советите на општината, односно Советот на Град Скопје и единствена листа на кандидат за градоначалник на општината, односно Градот Скопје.

Општинските изборни комисии утврдените единствени листи ќе ги огласи најдоцна 25 дена пред денот определен за одржување на изборите, односно на 26 февруари до сите населени места и на избирачките места во општината, односно во Градот Скопје.