На свеченост по повод одбележување на 101 година од албанското знаме што се одржа денеска во Лабуништа на 20-метарски јарбол беше подигнато знаме на Република Албанија, јавува Ohrinews.
На свеченоста присуствуваа бројни гости, делегација на локалната самоуправа предводена од градоначалникот на Струга Зијадин Села, како и локалното население.
Во изјава за медиумите мештаните, кои во најголем дел говорат чист Македонски јазик, истакнаа дека се горди на поставувањето на албанското знаме и дека долго чекале на овој момент.
Според Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, знамето на Република Македонија мора да биде истакнато заедно со она на заедницата и од него да биде поголемо за една третина. Во член 8 од овој закон е наведено:
„Знамето на Република Македонија се истакнува со други знамиња согласно со закон и е со поголема димензија од една третина од другите знамиња.“
Според истиов закон, за прекршителите се предвидени казни во износ од 200 до 2000 евра во денарска противвредност. Засега нема реакции од надлежните.
Активностите за Денот на знамето годинава се одвиваат под покровителство на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.
фото: Ohrinews



