Липковскиот регион е мирен. На патот кон Гошинце никаде нема полиција, жителите си ги извршуваат секојдневните работи, а децата си играат на улица, јавуваат репортерите на НОВА Сашка Цветковска и Владо Апостолов, кои во моментов патуваат кон Гошинце.
Единствено полицијата во Матејче, која екипата на НОВА ја праша дали е безбедно да продолжат понатаму, препорачале дека до Липково е безбедно, а натаму пожелно е да не се оди.
Репортерите на НОВА велат дека во регионот нема никаква тензија помеѓу населението.
Од МВР денеска не прес-конференција информираа дека државните институции во Гошинце утринава биле цел на терористички напад. Според МВР, околу 2 часот и 30 минути по полноќ, поголема група од 40 лица ја нападнаа караулата Гошинце во близина на северната граница. Лицата биле добро вооружени и носеле маскирни униформи со ознака на УЧК. При нападот биле заробени 4 полициски службеници кој во моментот биле дежурни во караулата.
Од МВР информираа дека лицето кое ја предводело групата на алабански јазик преку преведувач им се обратил на врзаните полицајци со следниве зборови „Ние сме од УЧК, пренесете дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спаси. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви Охридски договори, повеќе никој не смее да дојде нагоре. Доколку вас или било кој друг фатиме повторно сите ќе ве ликвидираме“.




