Жените во светот, па и во Македонија се исправени пред долг пат до посакуваната рамноправност. Ситуацијата во медиумската сфера во Македонија, уште еднаш го потврдува тоа. Во современото општество, токму медиумите се силна алатка со која може да се влијае на постигнување на родова рамноправност.

Сепак, според она што може да се види во реалноста, медиумите не ја сфаќаат оваа своја улога многу сериозно.

Дипломираната по родови студии Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, споделува интересни податоци:

„ Во телевизиската индустрија во Македонија, соодносот меѓу вработените мажи и жени континуирано покажува доминација на мажите, без оглед на тоа колку се зголемува бројот на вработените во овој сектор. Во поглед на сопственоста, од вкупно 62 трговски радиодифузни друштва, 17 се во сопственост само на правни лица, кај 34 од нив мажите се јавуваат ако сопственици на 100% од акциите, а жените кај четири. Во пет медиуми жените поседуваат дел од сопственоста кој се движи од 0,07% до 66%. Во преостанатите две телевизии, сопственоста е комбинација на учество на правни лица и маж. Кај управителскиот кадар мажите се позастапени просечно 3,5 пати повеќе од жените “

Анализите на структурата на вработените во аудио и аудиовизуелниот медиумски сектор врз основа на податоци кои секоја година се добиваат од радиодифузерите, укажуваат на постоењето на „стаклениот плафон“ што значи дека жените се помалку застапени на високите нивоа на одлучување и сопственост. Во телевизиската индустрија во Македонија, соодносот меѓу вработените мажи и жени континуирано покажува доминација на мажите, без оглед на тоа колку се зголемува бројот на вработените во овој сектор.

„ На уредничко ниво, во периодот од 2012-2016 година, мажите се повторно позастапени, но се јавуваат и исклучоци каде жените се позастапени за 4 повеќе само во 2014 година, а во 2012 година се речиси изедначени “

Според податоците на Трајкова, во Македонија има повеќе новинарки, отколку новинари. Најмала разлика помеѓу новинарите и новинарките имало во 2012 година, кога имало 54 повеќе новинарки од новинари.

„ Во секоја од анализираните години, присуството на мажи експерти и соговорници во вестите е три пати поголемо од присуството на жените  како експертки или соговорнички на актуелните теми. Ваквата појава донекаде може да се објасни како резултат на „стаклениот плафон“ во политиката бидејќи поголем дел од функциите и позициите во државата ги извршуваат мажи- на пример претседател на државата, премиер, повеќето од министрите и пратениците се мажи, а иста е и ситуацијата кај претседателите на политичките партии и кај директорите. Од друга страна пак, жените се присутни во сите професии во јавната сфера и се релевантни извори на информации и експертизи, така што нискиот број жени на одлучувачки позиции не треба да се сфаќа како доволно добро образложение за да не се вложат напори за нивните знаења да се стават во фокусот. Отсуството на женските искуства и експертизи, се забележува дури и во случаите кога се третираат прашања поврзани со жените како правото на абортус или пак информации поврзани со политичарките “

Трајкова смета дека е погрешно да се неутрализираат општествените и политичките позиции, односно смета дека е погрешно да се претставуваат во машки граматички род функциите како „министерка“ или „канцеларка“.

„На таков начин, наместо афирмирање на учеството на жените во политиката, пропуштена е можноста да се даде видливост на жените во јавниот дискурс, особено на оние кои се учеснички во креирањето на политиките во општеството“

Трајкова препорачува дека ваквите показатели нужно бараат промена на начинот на кој во редакциите се гледа на родовите прашања.

*„Проектот е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.