Во март се регистрирани 128 пожари на територијата на целата држава, што е најголем број на шумски пожари во тек на еден месец со години наназад, покажуваат податоците на Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола.
Со пожарите е предизвикана сериозна штета по дрвната маса. Опожарена е вкупна површина од 2817 хектари и дрвна маса од 3250 кубни метри, со што е причинета штета од 53. 000 000 милиони денари, односно повеќе од 870.000 евра.
Директорот на ЈП Македонски шуми Зоран Ѓорѓиев рече дека во 99 отсто од случаите, пожарите биле предизвикани од луѓе, а само во 1 отсто причината за огнот биле гром или самозапалување.
„Пожари предизвикани од човекот може да бидат намерни-подметнати пожари и ненамерни-од невнимание при палење на стрништа, палење пасишта, фрлени опушоци, сообраќајна незгода, искра од алат при работа, искра од електрични далеководи, приготвување скара во шума, палење логорски оган, палење депонии… Годинава речиси сите пожари се предизвикани или од невнимание, или од палење на стрништа, пасишта и земјоделски површини и тоа надвор од шума, а кај 47 од пожарите имаме навлегување и зафаќање на шумите, рече директорот на ЈП Македонски Шуми.
Ѓорѓиев додава дека мобилните екипи на претпријатието секогаш реагирале први на терен и ги гаснеле пожарите.
Тој потсетува и дека на 29 март врз основа на законските одредби, а со цел да спасат шумите и другите шумски површини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на барање на јавното претпријатие донесе Одлука за делумна забрана за движење во шума, со предвидени глоби за прекршителите од 1500 до 3000 евра), казни кои се предвидени согласно Законите за шуми и ловство, а за да се ограничи движењето во шума на потенцијални причинители на пожарите.




