Во Музејот на современата уметност – Скопје вечер ќе биде отворена самостојна изложба на холандскиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.
Стал, кој ќе биде специјален гостин на Музејот, е препознатлив по истражување на односот меѓу уметноста, пропагандата и демократијата. Неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“.
– Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје е видео студијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата, информира МСУ.
Сталч во 2021 година ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Се што ни е заедничко“. Делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „АКВИЗИЦИИ – ДОНАЦИИ 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се отвори кон средината на оваа година.
Стал досега учествувал на многу изложби, а неговите проекти се изложени во светки познати музеи, во Амстердам, во Антверпен, во Стокхолм, во Сеул… Има објавено повеќе публикации за пропагандата и пропагандната уметност.