Манастирот Свети Ѓорѓи во кумановско Дељадровце ќе биде вечното почивалиште на владиката Кирил. Синодот на МПЦ на итна седница, ја прифати последната желба на митрополитот.
Прашањето кој ќе го замени митрополитот Кирил, кој 26 години беше на чело на полошко-кумановската епархија, ќе биде отворено на синодската седница закажана за 19 јуни.
>>Почина владиката Кирил, на 79. годишна возраст
Погребот, на кој покрај црковниот, најавено е присуство и на државниот врв, ќе се одржи во петок во 13 часот. Претходно, со почетокот во 11 часот во Соборниот храм во Скопје ќе се изврши опело на кое ќе присуствуваат сите архиереи и претставници на епархиите и инситуциите на МПЦ.
Со литургијата ќе чиноначалствуваат тројца епископи – европскиот Пимен, повардарскиот Агатангел и викарниот Јосиф.
Денот на погребот е прогласен за ден на жалост во МПЦ. Поради смртта на владиката Кирил црковните и државни знамиња од утрово во сите храмови на МПЦ во земјава и во дијаспората се на половина копје.
Во просториите на Синодот отворена е и книга на жалост во која сите граѓани можат да ги запишат своите спомени за митрополитот, соопшти Синодот на МПЦ
Со Полошко-кумановската епархија во следниот период ќе управува архиепископот г.г. Стефан, со помош на викарниот епископ Јосиф Лешочки.
Владиката Кирил беше единствениот беше последниот жив митрополит што присуствувал на собирот на македонските архиереи во 1967 година, кога е возобновена автономијата на Македонската православна црква.