Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок во петок, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

На состанокот ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на КОВИД-состојбата во земјата, но Филипче лично смета дека нови рестриктивни мерки не се потребни, доволно е да се почитуваат протоколите и да се зголеми процентот на вакцинација.

Министерот информираше и дека денеска е испратено писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти.

-Со членовите на Комисијата сме во континуирана комуникација и во периодот додека беше ситуацијата прилично мирна. Освен размена на информации, така се евалуираше и потребата за официјален состанок. Во петок ќе има состанок согласно новите анализи. Во однос на мерките, ќе ги слушнеме предлозите и согледувањата. Јас сметам дека терба да продолжат превентивните мерки и да се зголеми процентот на вакцинација. Денеска испративме писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти, рече Филипче, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој повтори дека еден од главните критериуми за воведување нови мерки ќе биде ризикот во болничките капацитети кој засега не е евидентиран.

-Клучен е опфатот на вакцинацијата. Тоа и почитувањето на превентивните мерки и протколи, се излезот од кризата, повтори Филипче.